Живот
6. December 2015 - 9:28

Санук, животна филозофија во Земјата на насмевките

Национална географија - Вашингтон

Ширум светот луѓето секако се забавуваат. Но на Тајланд тоа е многу поинаку, тоа е начин на живот. 

Во секоја култура, забавата е многу важна и се означува со посебен збор, но тој што го користат жителите на Тајланд – санук, е многу повеќе од само забава. Дури, зборот „забава‟ посебно е несоодветен превод, смета американскиот антрополог Вилијам Клоснер, кој децении поминал меѓу луѓето во Тајланд.

„Тој збор не може да ја означи магијата на овој единствен аспект на тајландската култура‟ - истакна Клоснер.

Ако навистина сакате да го откриете вистинското значење на санук, идеално време да го посетите овој магичен дел од светот е од 13 до 15 април, кога се одржува Сонгкран. Илјадници луѓе го прославуваат празникот со прскање со вода – возрасните користат кофи, а малите користат пластични пиштоли полни со вода.

Меѓутоа, санук не се врзува само за деновите на празникот, туку тоа е начин на живот.

„Ако не е санук, ништо не вреди‟ - рече за Би-Би-Си Самет Џумсај, еден од најпознатите архитекти од овие простори. „Луѓето даваат отказ на работни места кои се добро платени, ако не се забавни‟.

Дури, како што пишува за Би-Би-Си  Ерик Вајнер, на Тајланд зборот лен т.е. да си играш, се користи при опишување на академски истражувања и деловни состаноци – активности кои на Западот обично не се поврзуваат со разиграност и забава. Тој додава дека ова е многу контрадикторно на тоа каква атмосфера владее во деловниот свет во Тајланд, кој не изгледа како да се шегува и работата секогаш е завршена.

Вајнер со жителите на овој единствен дел од светот, разговарал за разликите на сфаќањата за забавите кои владеат меѓу нивниот и западниот свет.

„Вие Американците ја сфаќате забавата многу сериозно. Ние Тајланѓаните не ја сфаќаме така‟ - објасни Џумсај на Вајнер и додаде дека во неговата земја забавата трае по цел ден. „Тоа може да биде само смеење или насмевки во текот на работниот ден‟.

Дури, во Земјата на насмевките, како што Тајланд често се нарекува, токму со насмевка ја изразуваат благодарноста и радоста, како и негативните емоции, не е реткост да се види насмевка на погреб.

Концептот на сандукот е близок на концептот mai pen rai, што грубо може да се преведе како „не грижи се за тоа‟, „ нема врска‟ или „ нема проблем‟. Тоа нема саркастичен призвук кој може да се јави во некоја друга средина, како „Нема врска, ќе го направам тоа сам‟, туку „Нема врска и овој проблем ќе помине‟.

Ваквата животна филозофија вреднува хармонија, избегнува расправии и истакнува дека се во животот е минливо – она што во еден момент делува како прашање на живот и смрт, најверојатно не е тоа.

Благодарение на тоа, во општеството речиси и да нема тензии.

Тоа, секако не значи дека луѓето на Тајланд постојано се среќни и дека се забавуваат наместо вредно да работат. Тоа само значи дека и на многу сериозни задачи треба да се додаде малку санук и животот да се направи поубав. Mai pen rai.