Свет
3. October 2016 - 17:44

Самоубиствени бомбашки напади во Хама и во Багдад

Двоен самоубиствен атентат денеска е изведен во сирискиот град Хама, контролиран од силите на режимот, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на локалните власти. 

Според сириската државна агенција Сана, попладнево на плоштадот Ал Аси, во центарот на Хама, терорист го активирал ременот со експлозиви , а 15 минути подоцна уште еден терорист се разнел на истото место. Во двата напада загинаа најмалку две лица, а уште најмалку 10 се ранети, пренесе ТАСС.

Атентатите во градот Хама и истоимената провинција беа реткост од почетокот на 5,5-годишната сириска војна. Денешниот двоен напад се случува во момент кога коалицијата на бунтовниците и џихадистите веќе еден месец настапува кон провинцијата Хама и досега успеа да заземе околу 40 населени места, забележуваат француските медиуми.

Во 2013 година во Хама во напад со автомобил бомба загина гувернерот на провинцијата, Анас Абдел Разак ан Наим.

За денешниот двоен атентат одговорноста ја презеде Исламска држава.

Најмалку 10 лица денеска се убиени и во двата самоубиствени бомбашки атентата во Багдад. Нападите се извршени во шиитските квартови на ирачката престолнина. Во нив се ранети уште најмалку 32 лица.

Исламска држава и овде ја презеде одговорноста за нападите, пренесоа француските медиуми.