Македонија
13. јуни 2022 - 16:34

Само 1.200 матуранти одбрале математика, мнозинството полага англиски јазик

Матурантите не ја сакаат математиката за државна матура. Од вкупно 14.300, денеска избрале да ја полагаат помалку од 10 проценти или нешто над 1.200те матуранти од целата државата. Најголем интерес имало за англиски.

Покрај математика и англиски, средношколците од завршните години можеа да бираат меѓу  француски, руски, естетика и филозофија. За сите пак, задолжителен предмет е јазикот на кој ја следеле наставата..

Задолжителниот предмет, мајчин јазик и литература, се полагаше на четврти јуни. Резултатите од двата екстерни предмети, матураните ќе ги добијат до средината на идниот месец.

Проверката на тестовите и оценувањето го прави Државниот испитен центар. Велат процесот е анонимен – наместо име и презиме, учениците имаат свој код. Постигнатото е под лупа на дури четворица наставници.

„Секој тест го проверуваат, независно еден од друг, тројца оценувачи. Потоа, главен оценувач, значи, доколку види дека постои недореченост или разлика меѓу тројцата оценувачи, заеднички го вадат конечниот резултат од оценувањето на учениците“, изјави Елизабета Наумовска, Директор на Државен испитен центар.    

Во меѓувреме, за добивање на дипломата за завршено средно, учениците имаат обврска да полагаат уште два предмета. Изборот го прават сами.

„Имаме уште еден интерен дел кој започнува од 20 јуни, а ќе заврши околу 28 јуни, каде што, учениците избираат од остатокот од предметите два предмети кои треба да ги полагаат во периодот од 20 – 28 јуни“, вели Андреј Манолев, Директор на Гимназија Никола Карев – Скопје.

Оваа генерација матуранти е 15та која полага Државна матура.. Таа е главен услов за упис на факултет.