Самит на ЕУ за нацрт-договорот за Брегзит
Лидерите на 27 земји-членки на ЕУ денеска ќе се состанат на вонреден Самит во Брисел, со кој ќе се потврди договорот за напуштање на Велика Британија и ќе биде усвоена политичката декларација за идните односи меѓу двете страни.
Британската премиерка Тереза Меј ќе им се приклучи на лидерите пред крајот на самитот. Таа вчера пристигна во Брисел, каде ќе има средби со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Текстот на договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ и политичката декларација за идните односи беа договорени на ниво на преговарачи и сега тие треба да ја добијат политичката поддршка на лидерите на ЕУ.
Шпанија вчера се договори со ЕУ за Гибралтар, што беше најголема пречка за обезбедување консензус при гласањето, со што се отвора патот за непречено одржување на денешната средба на врвот во Брисел.
Договорот за Гибралтар го обезбедија претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и шпанскиот премиер Педро Санчез, соопштија западните медиуми.
Шпанија бараше промени во нацрт-договорот за Брегзит и изјава за идните односи со цел да биде јасно дека секоја одлука на оваа британска територија ќе биде донесена само во директни преговори со Мадрид.
По Самитот на ЕУ, следува најтешкиот дел – британската премиерка треба да обезбеди мнозинство во британскиот парламент, што во овој момент е крајно неизвесно.
Арлин Фостер, лидерката на Демократската унионистичка партија (ДУП) која обезбедува мало мнозинство во владејачките конзервативци на Велика Британија, рече дека нема да го поддржи договорот во формата во која е договорен.
Во Брисел не сакаат да коментираат што би можело да се случи ако договорот за „развод“ не помине во британскиот Парламент или ако падне Владата на Меј, но велат дека ЕУ веќе некое време се подготвува за Брегзит без договор, што би било најлоша опција. Меј вели дека би сакала Парламентот да гласа пред 21 декември.
Ако договорот добие поддршка во Парламентот, тогаш британската Влада мора да предложи закон за напуштање на ЕУ, што исто така може да предизвика енергични дебати.
На европската страна и е потребна согласност од Европскиот парламент. Гласањето во Европскиот парламент може да се одржи на почетокот од 2019 година, а теоретски тоа е можно да се направи на 28 март 2019 година, последниот ден од пленарната седница пред Велика Британија замине на 29 март 2019 година.
По ратификацијата во Европскиот парламент, договорот за раздружување мора да биде одобрен од Европскиот совет, најголемото политичко тело на ЕУ, кое ги поврзува шефовите на држави или влади. Во Европскиот совет, договорот мора да добие квалификувано мнозинство – 72 процента од 27 земји-членки (20 земји-членки), што претставува најмалку 65 проценти од популацијата во ЕУ.
Од полноќ на 29 март, Обединетото Кралство станува трета земја во однос на ЕУ и повеќе нема да може да учествува во одлучувањето во органите на ЕУ, по што следува период на транзиција.
Тој период на транзиција е договорен до крајот на 2020 година, а според политичката изјава, тој може да се продолжи до максимум две години, односно до крајот на 2022 година.
Дури по 29 март 2019 година формално може да започнат преговори за идните односи, а основата за тие преговори ќе биде политичка декларација, која само дава преглед на овие идни односи.
Најтешкото прашање во преговорите – прашањето за границата на ирскиот остров – е решено на начин што Обединетото Кралство и ЕУ ќе формираат единствена царинска територија додека не се постигне договор за идните односи.
Ново на Сител
-
Лазаров: Имаме одлична предност пред реваншот со АЕК, но секогаш сум претпазлив
-
Николоски: Врвни британски фирми и експерти ќе дадат поддршка за реализација на проектите во Македонија
-
Реал Мадрид официјално објави дека Анчелоти заминува на крајот од сезоната
-
Калас: Подобро од кој било знаете дека патот до ЕУ не е лесен, но останете на него, Унијата е со вас
-
Кривична пријава против поранешен директор на јавно претпријатие од Струмица за злоупотреба на службена положба
-
УК за радиотерапија и онкологија апелира за смиреност и доверба во персоналот
-
Мицкоски: Ние сме подготвени, Европа може да смета на нас, а сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа
-
Двајцата пациенти со мајмунски сипаници се од Скопје, не патувале надвор од државата, вели Андоновска