Македонија
12. May 2016 - 14:59

САД: Противракетниот штит не е наменет за одбрана од Русија

Американскиот систем за противракетна одбрана во Романија е наменет за заштита на Европа од балистички ракети и нема да служи како одбрана од руските ракети, изјави денеска заменик-секретарот за одбрана на САД, Роберт Ворк.

На прашањето дали локацијата во Романија и предвидената локација во Полска може да развие технологија во борба против руските ракети, Ворк истакна дека „воопшто не постојат планови тоа да се направи“.

- Ова е за поширока заштита од закана надвор од подрачјето на евроатлантската зона на дејствување, посочи Ворк.

Американскиот ракетен штит во Романија од денеска е оперативен, што Кремљ го оценува како закана за националната безбедност на Русија, додека САД и НАТО наведуваат дека штитот не е насочен против Русија туку има за цел да ја заштити Европа од балистички проектили.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков претходно изјави дека активирањето на американскиот ракетен штит во Романија претставува закана за националната безбедност на Русија и оти Москва ќе преземе мерки со цел да се заштити неопходното ниво на безбедност на земјата. 

Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин повеќе пати го поставувал прашањето против кого е тој систем вперен. 

На церемонијата за покренување на штитот во базата која своевремено ја постави Советскиот Сојуз, 180 километри југозападно од Букурешт, говореше генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг, во присуство на американски и романски функционери на НАТО. 

Романскиот претседател Калус Јоханис изјави по состанокот со Столтенберг во Букурешт дека Романија сака НАТО да има „постојано поморско присуство“ во Црното Море и повика на зајакнување на безбедноста за членките на НАТО на југ и исток, на границите со Русија и Блискиот исток.