Македонија
9. March 2024 - 16:53

Рута на „Свети Кирил и Методиј''

Институтот за старословенска култура од Прилеп и Институтот за македонска литература станаа дел од културната иницијатива на Советот на Европа насловена како „Рута на Свети Кирил и Методиј“. Планирано е во оваа прва фаза од имплементацијата на рутата да бидат вклучени спомениците на културата односно најначајните наши цркви каде се фрескоживописани Св. Кирил и Методиј или се некако поврзани со нивното дело, а кои се наоѓаат по трасата на некогаш најзначајниот пат во Европа и Балканот – Виа Игнација. Почнувајќи од струшко Радожда, Калишта, преку Охрид и Преспа, па се до Хераклеја и граничниот премин Меџитлија со Грција.

„Во основа најзначајните аспекти од нашето влегување во оваа рута е пред се промоцијата на културното наследство со кое што располагаме. Тоа е пред се она средновековно и доцно античко наследство кое што на некој начин може директно или индиректно да се поврзе со делото на Свети Кирил и Методиј или на нивните ученици Свети Климент и Свети Наум како директни продолжувачи на нивната мисија на територијата на Македонија. И исто така покрај оваа промоција тоа е се во насока на развојот на одржливиот туризам, збогатување на туристичката понуда и привлекување на туристи од овие земји кои што моментално веќе се во рутатаи имаат нивни иницијативи“, вели Александар Василески, директор на Институт за старословенска култура Прилеп.

Освен зголемувањето и промоцијата на туристичката понуда на Македонија целта на оваа рута е и зголемување на научната соработка помеѓу институциите на државите членки.

„Во следниот период планираме да ја промовираме рутата, да ја збогатиме со нови содржини и да започнеме една поширока соработка со институции сродни од странство кои што дел од нив веќе се членки во оваа рута и на тој начин да напчравиме едно вмрежување меѓународно кое што би ја зголемило туристичката понуда и во секој случај клултурната соработка помеѓу нашите земји и помеѓу нашите институции“, додаде Василески.

Во иднина се планира Рутата „Свети Кирил и Методиј“ да биде збогатена и со културни содржини од Источна Македонија.