Русковска: Случајот со убиствата на Вања и Панче не смее да добие политичка конотација
Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете, изјави денеска поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кои е првоосомничен Љупчо Палевски - Палчо.
Во изјава за медиуми по доделувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“ во Собранието на РМС, Русковска кажа дека и колегите во Турција, од каде се очекува Палевски да биде екстрадиран, ќе го имаат сето ова во предвид.
- Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид, рече таа.
Според неа, истрагата треба допрва да утврди која е вистинската позадина на случајот.
Министерството за правда вчера го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку Министерството за надворешни работи ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Барањето доаѓа по апсењето во Турција на Палевски на 5 декември, по издадената меѓународната потерница на 4 декември.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор на возачот кој го возел Палчо од Србија до Турција.
Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во првичната истрага на Јавното обвинителство беа опфатени уште четири лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Во истрагата е вмешан и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивните убиства засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција.
Ново на Сител
-
Силно невреме ја зафати Словенија
-
МВР: Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот со отстранувањето на македонското знаме од Кораб
-
Албански планинари го отстранија македонското и го закачија албанското знаме на Кораб | ВИДЕО
-
Стано: Цел на дијалогот Белград-Приштина е нормализација на меѓусебните односи
-
МНР: Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е веќе повикан на консултации
-
Од полноќ бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскап за половина денар
-
Муцунски се сретна со унгарскиот амбасадор Клаин
-
Аврамовска Мадиќ: Пристигнат само еден приговор, волјата на членовите на СДСМ е јасно и недвосмислено изразена