Македонија
15. May 2020 - 16:37

Русковска потврди има предмет за Ден Дончев

Државната комисија за спречување корупција ќе отвори постапка за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев. Во јавноста се обелодени дека Дончев, додека ја вршел јавната функција, примил 50 илјади евра за консултантски услуги од австралиска фирма.

„Ние проверивме во нашата евиденција и утврдивме дека тој нема пријавено дополнителни приходи. Работиме на случајот да ги докажеме приходите што тој ги остварил, дали е тоа точно или не. И доколку утврдиме дека постојат елементи, од наша страна ќе покренеме прекршочна пријава за непријавување на дополнителни приходи”, обелодени Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.

Случајот со поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување стана предмет за работа и на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Да, се води истрага за лицето Ден Дончев и немам информации дали тој е во земјава или не”, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара итна разрешница на случајот на Дончев.

„Дончев лани во период од само 6 месеци примил 3.120.006 денари, односно над 50.000 евра од страна на австралиската „Мегантик“, кои се исплатени од страна на фирма со исто име од струмичко Муртино, чие седиште верувале или не е во деловниот центар „Глобал“. Парите кои Дончев ги примил за време додека бил директор на ФЗОМ, се земени во спротивност на чл. 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Дончев де факто и де јуре го прекршил законот”, вели Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ден Дончев пред десетина дена поднесе оставка, а функцијата, што ја извршуваше од август 2017 година, ја напушти поради приватни семејни причини.