Свет
20. October 2015 - 23:19

Русија и САД потпишаа договор за летовите над Сирија

Претставници на Министерствата за одбрана на Русија и на САД денеска потпишаа договор за превенција од инциденти при летовите на авијацијата во рамките на воената операција во Сирија.

Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конашенков изјави дека со документот се регулираат акциите на авионите и на беспилотните летала во воздушниот простор на Сирија. Се дефинираат правилата и ограничувањата за да се спречи каков било инцидент меѓу руската и американската авијација.

- По стапувањето во сила на документот ќе биде формиран канал за целодневна оперативна комуникација која ќе овозможи врска меѓу воените команди на Русија и на САд, поради пружање на меѓусебна помош при евентуални кризни ситуации, посочи Конашенков.

Тој додаде дека договорот е постигнат на иницијатива на Русија и дека претставува највисоко ниво на соработка меѓу Русија и САД во борбата против тероризмот.

- Договорот претставува исклучиво воено-техничка соработка меѓу двете земји и не влијае врз принципиелната позиција на Русија, чија војска во Сирија спроведува опоерација на повик на сириските власти, за разлика од другите земји кои применуваат сила без сириска согласност и без одлука на Советот на безбедност на Обединети нации, што е спротивно со меѓународното право, истакна Конашенков.

Портпаролот на Пентагон Џеф Дејвис вчера најави дека САД и Русија ќе потпишат договор за разбирање, со кој се прецизира како пилотите може да се избегнат над Сирија, со оглед на тоа дека двете сили спроведуваат воздушна кампања.