Македонија
17. May 2021 - 19:51

Родителите најавуваат референдум за образовните реформи

Родителите од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ доставија предлог за покренување граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво за да се изјаснат дали е потребна дигитализација на учебниците.

За време на протестот собрале 600 потписи во Скопје. Сега бараат средба со премиерот Заев откако обидот за компромис со министерката Царовска не им успеа.

-Очекуваме одговор во рок од три дена од претседателот на Собранието. Ако го немаме, во спротивно сметаме дека предлогот ќе биде уреден и согласно Уставот и Законите почнуваме со собирање на 10.000 потписи за Граѓанската иницијатива, вели претставничката Драгана Спасевска

Од Кабинетот на претседателот Џафери не добивме одговор дали ќе биде прифатен предлогот за распишување на референдум.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Царовска нема слух за барањата на родителите. Велат, дигитализацијата ќе предизвикала многу негативни последици, а станува збор за уште еден неуспешен проект во образованието.

-се воведува концепција која зад себе нема никаква наставна анализа и за која немаме никакво образложение кој, како и на кој начин ќе ја реализира. Немаме ниту финансиска рамка која треба да подлежи на анализа како ќе се одвојат десетици милиони евра годишно. Дополнително, со ваква образовна новина се воведува дискриминација и нееднаквост помеѓу учениците во нивната најрана возраст, вели портпаролката Марија Митева.

Родителите во саботата протестираа во Скопје, но и во другите градови. Нивните главни барања се учениците што поскоро да се вратат во училници, да не се спојуваат предмети и да не се отфрлат книгите, туку дигиталните учебници да бидат само дополнителен извор за учење.