Македонија
14. January 2021 - 17:09

Родилка од Дебар, од струшката болница се вратила дома без матка, јајници и бубрег

Заминала на породување, дома се вратила без матка, бубрег и јајници. Семејството на родилка од Дебар најавува кривична пријава против директорот на струшката болница Мухамед Асани за наводно несовесно лекување. Според тврдењата на сопругот на родилката, директорот на струшката болница ја следел целата бременост во приватната ординација во својот дом во Струга.

Кога на крајот од август дошол терминот за породување, царскиот рез наместо докторот Мухамед Асани, го извршил неговиот син Блерим по што како што тврди, почнале компликациите. Само што завршило породувањето, сопругот тврди дека докторот му побарал 100 евра за интервенцијата и по 50 евра за анестезиологот и асистентот.

Нa семејството првично му било соопштено дека се јавиле мали проблеми во процесот на породување за по повеќе од 7 часа операција да ги известат дека поради крварење на родилката морало да и биде изваден бубрегот, матката и еден од јајниците и итно да биде префрлена на интензивна нега во Скопје.

Семејството ангажира адвокатски тим од Скопје кој најавува кривична пријава против докторот Асани и почнува правна битка за докажување на неговата наводна вина.

Доктор Асани во телефонски разговор за Сител рече дека не сака да го коментира случајот. Кратко додаде дека ќе остави надлежните институции да ги спроведат сите потребни процедури и да го кажат последниот збор.
Надлежните институции ги побарал и адвокатот на семејството од Дебар. Од државниот санитарен и здравствен инспекторат уште пред месец и половина побарал вонреден инспекциски надзор во болницата во Струга но од таму му одговориле дека не се надлежни за тоа и го упатиле во министерството за здравство нагласувајќи дека Министерот Филипче е тој кој што може да побара формирање на стручна комисија која ќе го испита случајот.

„Предметот во врска со случајот во Струга поврзан со родилката е испратен до Лекарската Комора за стручен надзор, крајот од месец ноември 2020 година По завршувањето на стручниот надзор, јавноста ќе биде детално информирана.“ – стои во краткиот одговор кој го добивме од Министерството за здравство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска праша, зошто речиси половина година нема никаква разврска за овој случај.

Слична реакција утрово испрати и Алијансата на Села.
„Иако поминаа 4 месеци, сè уште нема епилог од овој настан со сериозни последици, што покажува неспособност на системот и комплицираните лавиринти за постигнување на правда, за што зборува и ветува владата, а жртвите на неспроведувањето се обичните граѓани на оваа држава, која сè уште се влече по бесконечниот пат на транзиција.“ – се вели во реакцијата.

Мајката и нејзиното новородено женско дете закрепнале на клиниката во Скопје и во моментов се во добра здравствена состојба.