Македонија
27. September 2022 - 19:57

Ристо Пенов станува министер - има ли Ковачевски мнозинство за да го изгласа?

Ристо Пенов е новиот министер за локална самоуправа. Тој за Сител не сакаше официјално да соопшти дека ја прифатил министерската фотелја што му ја понуди премиерот Ковачевски, но потврди дека се веќе многу блиску до соработка. Пенов треба да го наследи Горан Милевски од ЛДП, кој минатата недела се повлече и од министер и од партиски лидер.

Но, иако веќе е извесно дека Пенов е предлог за министер неизвесно станува кога тој ќе биде избран на функцијата, особено поради последните превирање во владејчката ДУИ.

Последните информации од т.н. огнена група се дека тие не се против ДУИ илидерот Ахмети кој застана во одбрана на вицепремиерот Груби, туку дека ја спасуваат ДУИ од Груби и од судбината што ја доживеа ДПА.  Токму затоа чекаат и состанок со Ахмети.

Според брифинзи од групата, двајцата пратеници Изет Меџити и Сузана Коџаџику притисокот за смена на Груби и министри на ДУИ ќе го прават преку Собранието, па дури се споменуваат и интерпелации.

Премиерот Ковачевски вели не е загрижен дека Владата ќе остане без мнозинство во Собранието. Според него, превирањата во ДУИ се внатрепартиска работа.

Откако Таравари, пак, вчера испрати порака дека Алијанса на Албанците е подготвена да разговара за влез во Владата, денеска од партијата велат дека засега остануваат во опозиција

Заедничка власт со ДУИ за опозициската БЕСА не е опција.