Македонија
7. April 2022 - 15:54

Ременски: Задоволна сум од пресудата, ова беше долг и измачувачки процес за мене

Експратеничката Фросина Ременски која беше разрешена од партиските функции во СДСМ поради предметот „Меѓународен сојуз“, кој тогаш беше во истрага, кажа дека е задоволна од ослободителната пресуда.

Таа побара разбирање од јавноста на сите прашања да одговара во наредниот период. За процесот кој се водеше против неа, кажа дека е измачувачки.

-Повеќе од две години и психички и физички и емоционално поминувам низ овој процес. Барам разбирање денеска, да ја добијам пресудата, да ги прочитам наводите и да дадам повеќе образложение за  какво било прашање денеска. Сметам дека за случајот премногу зборував, за целокупното постапување за случајот и мислам дека денеска укажувањето на судот во однос на функционерите и политичарите – е нешто на што сериозно треба да се размисли. Сакам да имате разбирање за мојата денешна состојба. Секако, да си ги средам и јас емоциите од овој долг и измачувачки процес за мене, па да стојам на располагање за сите прашања и одговори кои ги имате, рече Ременски.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“ на претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки 13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки 13, Миле Јовановски доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвинение.

На асистентката на Боки 13 – Кристина Блажевска ѝе изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.