Бизнис
7. July 2022 - 16:42

Рекордна инфлација од 14.5 проценти во јуни

Нов рекорд на инфлацијата. Во јуни измерени 14,5%,  додека цените на мало за една година се зголемиле за 13,7 отсто. Трошоците живот од месец во месец се се повисоки. Во споредба со мај, статистиката пресмета дека се зголемени за скоро 3% . Поскапело речиси се.

Најмногу,  над 20% храната и над 30% транспортот. Потребна е брза акција на надлежните, апелираат експертите. Владата да преземе мерки за го  заштити стандардот на граѓаните, а Народната банка да ја затегне монетараната политика.

-  Владата има и функција на стабилизирање на економијата  кога таа не е стабилна. И препорачуваме монетарната политика да биде порестриктивна, но и да води внимателни експанзивни политики зашто овој притисок може да се насочи и на страната на побарувачката што можеби ќе ни донесе уште поголема инфлација, потенцира Рилинд Адеми., доцент на УМТ

- Досегашните мерки за замрзнување на цените и маржите на основните производи дадоа резултат. Како научна јавност сметаме дека и понатаму треба да продолжат мерките кои беа преземени во изминатиот период за да може на некој начин барем да се држи во место трендот кој за жал од ден во ден расте. Мерките на само што треба да се имплементираат и понатаму, туку треба да се изнаоѓаат и други мерки. Мислам дека повторно треба да се воведе замрзнувањето на цените, изјави Сузана Јордановска, претседател на Универзитетскиот Сенат на УМТ. 

Животот станува се поскап. Најголем дел од платата оди само за храна и сметки.  Цената на маслото за јадење за една година е зголемена за 50 %, на лебот над 30, месото 18,4 млекото, сирењето, јајцата и зеленчукот се продаваат по повисока цена за 20% . Сметките за струја за една година се зголемени за скоро 10%, а течните горива и гас за дури 64%

- Малопродажните цени на храната во последно време се покачени и тоа ни претставува дополнителен фактор кој го отежнува начинот на живеење на народот во целата држава, заклучи  Букурије Имери Јусуф , доцент на УМТ

Растот на цените дополнително ќе го зголеми бројот на сиромашни во земјава. Експертите препорачуваат министерството за труд да креира политики  за да ги заштити  најранливите граѓани. 

- Владата да преземе мерки за намалување на сиромаштијата преку поддршка на сиромашните со парична помош, преку вклучување на сиромашните на пазарот на трудот, нивно вработување и целосна реформа на социјалниот систем и рамномерно распределување на приходите и на поддршката на сите сиромашни кои ги има во државата, изјави Изет Зекири, ректор на УМТ

Инаку Македонија е лидер во регионот по бројот на сиромашни. Скоро 440 илјади граѓани едвај го преживуваат месецот, а 3%  живеат во апсолутна  сиромаштија , со помалку од 2 долари дневно. Дури 8% од вработените се сиромашни и 7% од пензионерите.