Балкан
15. December 2021 - 8:14

Рекорден број починати од Ковид-19 во Грција

За само 24 часа, од Ковид-19 во Грција починаа 130 лица, што е негативен рекорд во земјата од почетокот на пандемијата по бројот на дневни смртни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на новозаразените, регистрирани се 5.736 позитивни случаи, а 700 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, од кои 568 (81,14 отсто) се невакцинирани или делумно вакцинирани.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 1.012.659 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 19.475 лица.

Паралелно, со зголемен ритам се одвива процесот на имунизација во земјата, особено поради новите мерки што се однесуваат на лицата над 60 години, за кои од следниот месец вакцинацијата ќе биде задолжителна, додека пак од понеделникот сертификатот за вакцинација е неважечки без примена трета доза со поминати седум месеци од втората.

Од денеска започнува вакцинацијата и на децата од пет до 11 години, а од петокот до понеделникот биле закажани над 29.000 термини.

Во Грција веќе пристигнаа 60.000 дози од специјалните вакцини на Фајзер наменети за децата, што всушност се една третина од дозата за возрасните, а ќе се примаат две дози.