Loading Video...
Македонија
7. July 2021 - 19:41

Регистрирани нови случаи на заразени со Делта сојот

Четворицата сомнителни, денеска излегоа позитивни на Делта варијантата на коронавирусот. Станува збор за два брачни пара од Скопје кои патувале во странство и во моментот се хоспитализирани во приватна болница. Еден пациент е во потешка здравствена состојба, а останатите се стабилни, информираше министерот за здравство. Досега во државата се регистрирани 10 случаи со индиската мутација. Ниту еден не бил вакциниран.

- Нема епидемиолошки ризик за ширење на вирусот. Сега епидемиолозите прават анкети и на контактите, изјави Венко Филипче

Министерот потенцираше дека воопшто не се размислува за карантини на одредени градови или региони поради Делта сојот туку само за евентуални мерки на границите. Дали за влез во земјава ќе се бара тест или сертификат за вакцинација и за македонските граѓани кои се враќаат од одмор Комисијата за заразни болести ќе одлучува до крајот на неделата.

-Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче.

Академикот Александар Димовски од Центарот за генетички иженеринг во МАНУ со оптимистичка изјава дека не очекува да ни се повтори бранот од март и април кога доминираше британскиот сој. Тој посочи дека уште најмалку година - две ќе се занимаваме со вирусот. Се надева дека ситуацијата ќе се подобрува и нема да тргне на лошо.

-Нема потреба да правиме мерки што буквално ќе ја затворат државата. Тоа што знаеме е дека сите вакцини кои се користат сега спречуваат најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт во најголем процент, изјави Академик доктор Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија при МАНУ.

Делта варијантата на коронавирусот досега е потврден во повеќе од 100 држави. Дел од нив повторно почнаа да ги враќаат рестриктивните мерки.