Македонија
21. February 2021 - 19:48

Редици пред болницата во Кавадарци, поделени размислувања помеѓу граѓаните

Кавадарци - град со најлоша епидемиолошка слика и со поделени мислења за Ковид-19. Иако притисокот врз болниците е намален секаде низ Македонија, општата болница во Кавадарци има пациенти речиси колку и во ноември, кога се соочивме со есенскиот пик, поради појавата на британскиот сој. 

Во моментот 28 кревети се слободни, а се работи на Модуларната болница за ковид-пациенти. Тука ќе има дополнителни 34 кревети. Овој објект по завршување на пандемијата ќе стане инфективно одделение. 

Шаторот бил тргнат пред 2 дена бидејќи настрадал од снегот. Но иако имал и греење, пациентите не го користеле поради страв дека ќе го загубат редот. 

Кавадарчанецот Иван Радев ги имал сите симптми, но три пати излегувал негативен на тестовите. Пред камерата на Сител се пожали дека здравствените работници не го третираат бидејќи официјално не влегува во ковид-статистиката. 

Од болницата велат дека барал да биде сместен во одделението за Ковид, но не можат да го примат таму се додека има негативни тестови. 

Кавадарчани сo поделени во мислењата за вирусот. Алармантно е што околу 30 отсто од населението според податоците на општината воопшто не верува во постоењето на вирусот. 

Таткото на Кавадарци вели дека високиот број на заразени се должи на засиленото тестирање на сите граѓани кои ќе почувствуваат и најблаги симптоми. Засега не се планираат локални рестрикции во Кавадарци. 

Само денеска во овој град регистирани се 20 нови случаи. Во моментот градот со околу 40.000 жители има 486 активни случаи.