Македонија
27. September 2022 - 16:37

Реакции по вчерашниот фудбалски натпревар - дали исто ги судиме и домашните и бугарските провокатори?

Политичките превирања на релација Македонија – Бугарија се префрлија и на спортските терени, па бројната македонска навивачка публика ја исфирка бугарската химна на синоќешниот фудбалски натпревар.

За неполни 24 часа по натрпреварот, македонското МНР експресно го осуди како што наведуваат говорот на омраза на македонските навивачи. Натпреварот се искористил велат за ширење етничка нетрпеливост.

„Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла. Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи“, се вели во соопштението на МНР.

Реагираат и од бугарското МНР – го осудуваат јавното сквернавење на бугарската химна.

Говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје претставува недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и јасно е во спротивност со европските принципи и норми на однесување. Повикуваме на решителни и неповратни чекори на официјалните власти во Скопје за искоренување на антибугарската агресија на јавниот простор на државата.

Но МНР не реагира вака кога навредите се упатени на македонска страна. Ниту протестна нота ниту била каква реакција нема за изјавите на поранешниот бугарски фудбалер, Станислав Ангелов, кој директно ги навредува Македонците – чудно му било како ја исвиркувале бугарската химна – која била химна на нивните потомци.

Премиерот Ковачевски пак не согласува дека македонските власти никогаш не регираат на бугарските провокации.Без конкретно да одговори вели дека имало реакции и за други натпревари.

Ова не е прв пат македонските власти да молчат за сите бугарски навреди. Македонија е Бугарија, македонска историја и идентитет не постојат, а македонскиот јазик е дијалект на буугарскиот, се само дел од провокациите кои стигнуваат не само од официјална Софија, туку и ги преплавуваат социјалните мрежи.

За да ги задржиме добрососедските односи никој не реагираше за последните изјави на европратеникот Ангел Џамбаски кој повторно вели дека заедно со народот од Деве Баир биле сме еден народ разделен со вештачка граница.

Македонија не реагираше и на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев според кој Гоце Делчев е апостол на слободата на македонските Бугари. Радев не отстапува од ставот дека антибугарската идеологија во Македонија и македонскиот идентитет е измислен од комунистичката интернационала.

Откако се отворија двата бугарски центри, со имиња на личности од нацистичкото минато на Бугарија кобни за Македонците, поранешната шефицата на бугарската дипломатија Захариева негирајќи го македонскиот идентитет посака отворање на таков центар и во Скопје.