Бизнис
23. March 2023 - 16:29

Развојната банка понуди кредити за дигитална трансформација на приватниот сектор

Развојната банка воведе нова кредитна линија за микро, малите и средни компании за дигитална трансформација.

Фирмите ќе имаат на располагање кредити за основни и обртни средства, со максимум 2,9% годишна камата. Директорот Наумов истакна дека реализацијата ќе оди преку квалификувани банки. 

„Максимум одиме до 300 илјади евра за основни средства и максимум 100 илјади евра за обртни средства. За основни средства до 8 години со вклучен грејс период од 12 месеци и за обртни средства со вклучен грејс период од 6 месеци. Реализацијата на оваа кредитна линија е ставена пред се, во основа, првите средства исклучиво од сопствени средства на развојната банка“ изјави Кире Наумов, директор на развојна банка.

Швајцарија поддржува развојната банка да спроведе анализа за финансирање на дигитализацијата во приватниот сектор, тврди амбасадорката Марти. Смета дека поволните кредити треба да бидат стимул за компаниите.

„С. Македонија има доброразвиен, витален и конкурентен сектор за информатично компјутерска технологија, но поголем дел од компаниите работат за меѓународни пазари. Би сакала да ги охрабрам компаниите од домашниот ИКТ сектор да бидат проактивни во идентификувањето на производи и услуги за другите домашни индустрии“ изјави Вероник Улман Марти, амбасадорка на Швајцарија.

Премиерот, пак, вели дека целта е преку поврзување на академската заедница, владата, бизнисот и граѓаните да се делува во областите каде државата има потенцијал да инвестира.

„Нашите заложби се да даваме поддршка на сите бизниси и компании кои имаат амбиции за раст и развој преку дигитална трансформација и автоматизација, а со тоа да дадат придонес за нашата економија. Со понудата за поволни кредити, со ниски каматни стапки за малите и средни претрпријатија, создадовме амбиент за подобрување на конкурентноста, поддршка на извозот, економскиот раст и развој“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Развојната банка беше вклучена и во надминување на ковид, економската и енергетската криза. За три години дадени се 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.