Бизнис
4. December 2021 - 16:39

Развој на еко туризмот во Дојран преку примена на успешните примери од Словенија

Словенија ќе му помага на Дојран во заштитата на езерото. Соработката е договорена преку словенечката амбасада која од следната година ќе стане и стратешки партнер на општина Дојран во делот на заштитата и ревитализацијата на езерскиот бисер на југот од државата. Во рамките на договорената соработка предвидени се низа проекти, а главниот фокус е развојот на еко туризмот.

„По претходно подготвената документација и проекти кои што треба да следуваат, направени се клучните приоритети кои ќе се реализираат по фази. Еден од клучните приоритети е развојот на еко туризмот во Дојран , односно Дојран да стане првата туристичка дестинација, односно еко дестинација во нашата држава. Имаме низа на успешни примери во Република Словенија за сето тоа, така што ќе ги следиме само успешните примери и се надевам дека Дојран набрзо ќе ги реализира сите овие проекти што ќе значат поголем развој на туризмот и поголем развој на општината“, вели Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Локалната самоуправа во Дојран во соработка со невладиниот сектор веќе подолго време работи и на физибилити студијии и повеќе проектни документации кои ќе бидат основа за почеток на реализација на овие проекти. На заштитата на езерото се работеше и во изминатиот период, а само годинава со финансиска поддршка од државата, и неколку странски донатори беа реализирани повеќе проекти оваа област.