Loading Video...
Свет
19. August 2023 - 16:30

Разузнавачки извори за ,,Њујорк Тајмс‘‘ - во воениот конфликт помеѓу Русија и Украина досега загинаа 500.000 лица

Половина милион руски и украински војници се загинати и ранети од почетокот на војната, тврдат американски разузнавачки извори за Њујорк Тајмс. Руските воени загуби изнесуваат 120 000 мртви и 170 000 ранети, додека од украинска страна загинале 70 000 војници,а околу 100 000 се повредени.

Истиот извор наведува дека бројот на жртви е драстично зголемен поради интензивните борби на истокот на земјата. Сепак ова се само неофицијални проценки. Точната бројка на загубите не е достапна, најмногу поради фактот што Москва и Киев калкулираат и ги кријат вистинските податоци. Американските разузнавачи проценуваат и дека украинската контраофанзива нема да стигне до клучниот град на југоистокот Мелитопољ кој треба да ја отвори вратата кон Крим, пренесува Вашингтон Пост.  Руската одбрамбена линија е цврста, коментираат тие, трупите се добро вкопани, во ровови и мински полиња поради што Украинците имаат големи загуби. Но, загуби нема само на фронтот. Во нападите на дронови и  проектили секојдневно има жртви. 

Така во денешниот руски напад со проектил врз градот Чернихив на северот на Украина загинаа најмалку пет лица, а над 30 се ранети. Меѓу зградите кои беа таргетирани  се театарот и универзитетот. Вчера пак украински дрон, ја оштети зградата на експоцентарот во бизнис зоната на Москва откако беше пресретнат од руската противвоздушна одбрана. Поради инцидентот беше прекинат авио сообракајот на сите аеродроми во руската престолнина.