Македонија
11. August 2024 - 16:47

Разрешена Афрона Верзиволи – ВРЕДИ останува на ставот дека разрешувањето е привремено

Разрешена Афрона Верзиволи од позицијата главен ревизор на Телото за ревизија на ИПА. Ова доаѓа откако беше обзнането дека таа не поседува лиценца за ревизор.

На нејзино место доаѓа Арбен Рамадани, кој и досега работел во Ревизорското тело.

-Тој е самостоен ревизор во Секторот за унапредување на ревизијата. Непосредно учествува во изработка на стратешки документи, краткорочни и долгорочни стратешки планови во однос на развој на Ревизорско тело и ревизијата и ја следи примената и врши следење на нивното спроведување. Работел и како виш ревизор во секторот за ревизија на ИПА областа, велат од Владата.

Негов заменик ќе биде Иван Игњатов - доктор на науки за развој на системи за ревизија и контрола за ефикасно користење на фондовите на ЕУ.

Коалицијата ВРЕДИ чиј кадар е Верзиволи, останува на ставот дека разрешувањето е привремено. Според партијата, функционерската фотелја ќе ја чека сѐ додека таа не го добие потребниот сертификат. 

Но, за такво нешто да се случи Верзиволи најверојатно ќе чека некој нареден владин мандат. За да го добие сертификатот ќе и бидат потребни сигурно повеќе од 3 години. На профилот на мрежата ЛинкдИн, Вервизоли објавила каде се работела досега.

Во нејзината биографија се вели дека работела во Кабинетот на поранешниот заменик министер за финансии, Ардијан Џеладини. Организирала состаноци и комуницирала со медиуми.

Речиси година и половина била во Одделот за односи со јавност во Стопанската комора на Северозападна Македонија. Во последните 7 години работи како банкарски службеник во Халк Банка. А единствена допирна точка со ревизија имала само кога поминала тренинг за ревизор од седум месеци. 

Со вакво работно искуство, таа не може во скоро време да стане овластен ревизор. За такво нешто треба да добие уверение за ревизор, односно да полага 8 испити, за кои ревизорите велат дека се потребни во просек помеѓу 3 и 4 години за да се поминат поради обемниот материјал кој треба да го изучат. Но освен тоа, ѝ недостасуваат најмалку три години работно искуство на ревизија, од кои две мора да бидат под надзор на овластен ревизор.