Македонија
29. November 2022 - 12:23

Расте бројот на жени кои пријавуваат насилство

После ковид кризата се зголемил бројот на жени кои пријавуваат насилство, а се појавиле и нови форми покрај семејното насилство. 

Ова е проценката на граѓанскиот сектор од каде велат дека сега насилството освен во домовите го имало и на јавни простори, во образовните институции, на работните места, а тука бил и најновиот вид на насилство интернет демнењето. Граѓанскиот сектор кој се занимава со оваа проблематика очекува ова зголемување да биде уште поизразено во иднина.

„Сите оние санкции кои се случуваа во текот на Ковид кризата, она затворање, локдауни, на исто место се наоѓаа сторителите на насилство и жените, се зголемија психичките заболивања, последователно се случи економска криза која се уште трае и мислам дека дополнително ќе има и други кризи кои ќе го зголемат насилството“, истакна Бети Пејева, претседателка на ЕХО Едукативно - хуманитарна организација.

Во Прилеп се одржа трибина на тема: Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство, во рамки на Кампањата 16 денови активизам против родово базирано насилство. Од полицијата велат дека имаат активна соработка со сите потребни институции кога станува збор за ваквите дела.

„Се преземаат сите мерки, координативен пристап имаме со Центарот за социјални работи, Министерството за здравство, локалната самоуправа, јавно обвинителство и судот. Координирано помеѓу себе, во зависност од пријавеното кривично дело се преземаат сите мерки за заштита на жените и девојчињата“, додаде Емилија Велкоска, криминалистичка канцеларија при ОВР Прилеп.

Од центарот за социјална работа велат дека сите жртви на насилство за кои имало потреба биле пратени во шелтер центрите. Се повеќе жени се охрабрувале да го пријават насилството врз нив. 

„Целата медиумска кампања и кампањите кои ги води Министертсвото за труд и МВР даваат резултати да жртвите се охрабрат и се почесто го пријавуваат насилството кое го трпеле подолг период. Во рамки на Министертсвото за труд се изградени доволно капацитети за заштита на жртвите. Ниту една жртва каде се направило проценка дека треба да се изнесе од домот и да и се даде привремено сместување не останала не сместена“, изјави Дејан Тошески, директор на Центар за социјална работа – Прилеп.

Измените и дополнувањата на кривичниот законик сега се на второ читање и сите очекуваат тие да се имплементираат во што е можно побрз рок за да се превенира и стопира овој негативен тренд.