Македонија
7. May 2024 - 16:36

Растат трошоците за живот

4% раст на трошоците за живот во април споредбено со истиот месец лани, пресмета Државниот завод за статистика. Цените на мало, пак, се зголемиле за три и пол отсто. Инфлацијата во однос на март, според статистика, изнесува 0.7%.

„Зголемувањето на инфлацијата во април 2024 година, во однос на март 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт, комуникации, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки, рекреација и култура, ресторани и хотели, разновидни стоки и услуги и здравје“

Од агро-бинзис комората велат цените ќе бидат стабилни во наредните месец до два, но турбуленциите на блискиот исток се неизвесни и можат да ја покачат цената на нафтата. А поскапа нафта, значи и поскапи суровини.

„Од агро-бизнис комората тврдиме дека во наредниот период ќе има стабилност на цената на прехранбените производи, барем во сегментот на основни прехранбени производи како житото, пекарските производи. Големиот притисок и проблеми кои ги имаме се од друга природа, можеме да ги истакнеме и во овој момент, тоа се проблемите со човечките ресурси. Големиот одлив на човечки ресурси, посебно во овој сегмент што работат, кон западните земји како и кон туристичките земји како што Хрватска, Грција и другите земји. Имавме и покачување на минималната плата и сето тоа одразува да таму имаат поголеми трошоци компаниите отколку во однос на цените на суровините кои во овој момент имаат стабилна вредност“ – Горан Ѓорѓиевски, претседател на агро-бизнис комора

Втор месец по ред пораст има и кај светските цени на храната. Зголемувањето најмногу се должи на поскапувањето на месото, маслото и житариците.

Потрошувачката кошничка во земјава надмина 60 илјади денари за минатиот месец и тоа за покривање само на најосновните животни потреби.