Македонија
7. September 2016 - 16:28

Распределбата на пратеничките места ја вжешти атмосферата кај опозицијата

Распределбата на пратеничките места во од листите на СДСМ ја вжешти атмосферата во опозицискиот табор. По најавата на Шеќеринска дека најмалку 6 добитни места ќе добијат членовите на Шарената револуција, бура препукувања меѓу членството на СДСМ и коалиционите партнери и т.н. шарени револуционери.

Лидерот на НСДП, Тито Петковски во изјава за опозицискиот Плусинфо му порача на Заев ако планира да им отстапува места на шарените, тоа да го направи на сметка на својата партија и да не ги крати местата на листите резервирани за коалиционите партнери, како што претходно се шпекулираше во јавноста.

На изјавата на Петковски реагираше Замир Мехмети од Шарената револуција, кого опозициските медиуми го сместија како кандидат во шестата изборна единица.  Со серија навреди упатени кон Петковски, тој рече дека токму поради лидерот на НСДП, ВМРО-ДПМНЕ денеска е на власт. Ниту потврди ниту демантираше дека токму неговото име ќе се најде меѓу дваесетте кандидати во шестката.

Петковски денеска за Сител вели дека до него не допираат зборовите на човек каков што е Замир Мехмети. Додава дека до сега, не разговарал за пратенички места со Заев и дека не сака повеќе да коментира на оваа тема.

Во меѓувреме, дел од медиумите почнаа и да ги распределуваат шарените револуционери по изборни единици. За да ја смират ситуацијата, дел од нив демантираа дека се заинтересирани за пратенички мандат.

Од СДСМ за Сител официјално потврдуваат дека до овој момент не е почната апсолутно никаква постапка за распределба на пратенички места, а изјавите на поединци од опозицискиот блок, не сакаат да ги коментираат.

Неофицијално, функционер на СДСМ за Сител вели дека последните изјави, најверојатно се градење на позиции во пресрет на изборите. Според него, тоа не е ништо ново на Бихаќка, бидејќи пред секој изборен процес, составувањето на листите редовно е причина за бројни несогласувања.