Расправата за ребалансот продолжува утре
Расправата за ребалансот на Буџетот продолжува утре во матичната Комисија за финансирање и буџет. Денеска на првиот ден од расправата, пратениците од власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за тоа кој повеќе направил на економски план за државата. За пратениците од владејачката ВМРО-ДПНЕ, ребалансот е реален и гарантира економски раст и подобрување на животниот стандард, а за опозицијата е доказ дека е направена краткорочна политичка пресметка и серија популистички мерки.
Според пратеникот Александар Јамалов од ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот создава економски можности, а гласањето за него е поддршка за стабилноста, развојот и правичноста.
Јамалов посочи дека е подобрена наплатата, зголемени се даночните приходи, социјалните трасфери, буџетскиот дефицит е намален, а има и зголемено отплаќање на старите долгови.
- Овој ребаланс е доказ дека знаеме каде одиме. Гласањето за ребалансот е поддршка за стабилноста, развојот и правичноста, рече Јамалов.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ во реплика на Јамалов потсети дека ребалансот се прави на буџет којшто е креиран од страна на актуелната власт и дека е доказ оти се направени лоши проекции.
- Неспорно е дека ребалансот ќе биде изгласан, но заборавате една суштинска разлика - овој ребаланс е направен на ваш буџет, а заклучокот е дека сте имале лоши проекции претходно. Сте направиле промашување, реалноста е таа. Нема оправдание што било и како било, 365 дена веќе имате Влада, наше е да ве крититуваме, а ваше е да се браните, но бидејќи немате аргументи сега, ќе се навраќате кон нешто што не е суштинско за ребаланс, рече Битиќи.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.
За ребалансот поднесени се над 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ.
Ново на Сител
-
Десетици илјади Украинци во САД од денеска без правна заштита и под ризик од депортација
-
Трамп пред средбата со Путин: Ќе се разговара и за територијални отстапки и безбедносни гаранции за Украина
-
Ангелов: Три пожари активни во моментов, деновиве од 20 до 30 пожари на отворен простор
-
УХМР: Од понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи
-
Кривична за поранешна директорка на средно училиште во Демир Хисар
-
Црногорската полиција трага по македонски државјанин осомничен за обидот за убиство на Марко Љубиша Кан во Будва
-
64-годишна жена нападнала малолетничка во Гази Баба
-
Тимови на Државниот пазарен инспекторат го контролираат спроведувањето на одлуката за цените на училишниот прибор