Расправа во Собранието за избор на нова Влада
Во Собранието на Република Македонија попладнево продолжи расправата по експозето на мандатарот за состав на новата Влада Зоран Заев.
Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса рече дека нема да дадат поддршка на новата влада и честитајќи му на Заев рече дека има одличен избор, но изрази и разочарување за еден дел од кадарот кој, како што рече, не ги исполнува сите наши очекувања.
Спроед него за нив предложениот владин кабинет не е реформа, туку рециклирање. - Убеден бев дека причината зошто ја одбивте соработката со нас тоа е нашето барање за редефинирање на државата. Но денес ми е јасно дека тоа е нашиот прв принцип во владата да нема корумпирани и инкриминари лица, рече Ибрахими.
Афим Гаши од Движењето Беса рече дека не можат да гласаат за составот на предложената влада бидејќи, како што посочи, во него има имиња кои не претставуваат надеж, туку се неуспешни и деструктивни.
- Посакувам новата влада да ја добие довербата од граѓаните. Како Беса ќе бидеме тука да ја поддржиме секоја реформа која е во интерес на сите граѓаните. Досегашното делување на Беса беше коректно во однос на сите позитивни политички процеси, и така ќе продолжиме, рече Гаши.
Стефан Богоевски од СДСМ потенцира дека во Собранието ќе се гласа за реформска влада, во која има чесни луѓе, професионалци, посветени на граѓаните и кои ќе ги задржат младите тука. - Луѓе, како што рече, кои заедно со нас ќе изградат модерни студентски домови, ќе го укинат екстерното и непотребната радиодифузна такса. Луѓе кои заедно со нас пратениците и луѓете ќе им помогнат на младите.
За Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ програмата има нереални проекти и оти новата Влада ќе се карактеризира со спроведување селективна правда, купен меѓуетнички соживот и економија на кредит.
Артан Груби рече дека пратеничката група на ДУИ ќе ја поддржи реформската влада.
Џеват Адеми посочи дека новата влада во претстојниот период ќе имаат партнер, но и конкурент во ДУИ.
Посочи дека ќе ги поддржат сите најавени реформи, но оти ќе бидат и жестоки критичари.
Според него претстојниот период за Република Македонија ќе биде тежок, меѓутоа и успешен.
Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 18 часот, откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев побара процедурално и излезе кај говорницата без да добие збор.
Џафери повикувајќи се на Деловникот рече дека немаат право да добијат збор за процедурално и оти треба да се изјаснат дали ќе делуваат како пратеничка група или самостојно.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тие во моментов настапуваат самостојно и оти кога и како ќе се организираат во пратеничка група е нивно право.
Расправата почна денеска, а Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.
Ново на Сител
-
Кривични пријави против две правни и две физички лица за бесправно градење
-
Сијарто: Не е само до Бугарија, членките во ЕУ што го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство
-
Пуштен патот од Охрид до Св. Наум, со 11,7 милиони евра обновени 24,4 километри
-
Трамп: Израелските напади врз Иран се одлични
-
На огласот за самовработување пријавени над 2500 лица
-
Вкупниот промет во индустријата зголемен за 6 проценти во април на годишно ниво
-
Иран соопшти за најмалку 95 повредени во израелските напади во текот на ноќта
-
Израелски авиони извршија нов напад врз Иран