Македонија
14. April 2021 - 12:54

Рашковски поднесе оставка - Истрагите продолжуваат

Драги Рашковски си поднесе оставка по серијата скандали кои се поврзуваа со неговото име. Поранешниот генерален секретар на Владата во писмото кое го напишал во понеделникот а утрово го објави на социјалните мрежи вели дека не сака да се крие зад функции и дека очекува институциите да ја докажат вистината.

„Кога политиката (политикантството) ќе станат погласни од природните науки тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во се да ја бара логиката. Токму заради тоа, до Вас го доставувам ова неотповикливо повлекување, стои во писмото кое Рашковски му го напишал на Заев.

„За некој на кого во светските рамки има добиено досега 11 златни и 2 сребрени медали за своите иновации е деградирање на интелектуалниот капацитет споредбите кои се прават од страна на одредена јавност. Останува на времето да покаже која е вистинската причина за тоа“ – вели Рашковски, кој денеска ги одбива сите телефонски повици.

Неговото име се поврзуваше со низа скандали. Прв пат во центарот на вниманието се најде откако медиумите објавија дека додека бил Генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци кој на полицијата воопшто не и бил потребен. Премиерот Заев изјави дека штом Рашковски го набавил, софтверот тој сигурно бил потребен, но откако медиумите јавија дека Рашковски веројатно и самиот го креирал решението што и го продал на полицијата, Обвинителството за организиран криминал отвори истрага и вршеше претреси.

Среде целата афера и во пикот на Пандемијата Рашковски се спакува и замина на одмор во Мексико со што повторно си обезбеди место на насловните страни каде се наоѓа и во последните денови откако беше снимен пред луксузен џип од околу 80.000 евра кој го нема во анкетниот лист а беше објавено и дека гради куќа од 800 квадрати во скопско Побожје на име на своите деца. Засега само на интернет остануваат неговите прислушувани разговори во аферата Леонардо за набавката на радарски системи и обвинувањата од опозицијата за проектот за медицинска хеликоптерска единица. За нив обвинителството се уште не постапува.