Балкан
5. March 2017 - 14:14

Рама: Владеачкото мнозинство е подготвено за дијалог со опозицијата

Албанскиот премиер Еди Рама повторно изјави дека владеачкото мнозинство е подготвено за дијалог со опозицијата и се потпиша под петицијата на организациите од граѓанскиот сектор, пренесе Танјуг, повикувајќи се на агенцијата АТА.

Во петицијата се бара реформа на правосудството и брза примена на „законот за лустрација“, што подразбира проверка на судиите и обвинителите и нивните способности, морал и независност од организираниот криминал, корупција и политички влијанија.

Рама изјави дека сето тоа на Албанија треба да и даде можност да ги направи следните чекори кон почнување разговори за членство во ЕУ.

-Доколку опозицијата навистина е заинтересирана за највисоките изборни стандарди, подготвени сме да ги разгледаме сите предлози. Подготвени сме со опозицијата да разговараме за било која тема, рече Рама.

Албанските опозициски партии во средината на февруари организираа протести со барање за оставка на владата и организирање чесни и слободни избори.