Македонија
29. September 2016 - 14:49

Работилница: Корупцијата тема на која институциите најмногу ја губат довербата

Корупцијата е темата на која институциите најмногу ја губат довербата кај јавноста. Клучно за справување со овој општествен феномен е отвореноста на институциите, вели Фредерик фон Лонски, новинар и претставник за медиуми во Владата на областа Арнсбдерг, Германија, кој е еден од предавачите на работилницата организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата.

- Реформата на едно општество со корупција кон општество со намалена корупција е голем предизвик. Но, не постои друга алтернатива освен да се биде транспарентен во ова општество со голема медиумска активност, вели Фон Лонски.

Од особено значење е, додава тој, и перцепцијата, односно ставот за корупцијата во земјата. - Во Германија корупциските дела воопшто не се толерираат и народот нема никакво разбирање за корупцијата, нагласува Фон Лонски.

Тој додава дека исто така е важно и како други држави не перцепираат како земја и при тоа посочи на примерот со финансиската криза во Грција.

- Кога се случи финансиската криза во Грција голем број од новинарите во Германија информираа за кризата која што беше поткрепена со корупција. Но, темата корупција не беше толку драматична за жителите на Грција бидејќи таа тема беше дел од нивното секојдневие. Германскиот народ, кој што дава поддршка на стопанството во Грција со плаќањето даноци, кога се освестија за оваа тема поврзана со корупција го сменија нивното мислење. Тогаш народот се праша дали сакаме да даваме пари да се слеваат во еден корумпиран систем, вели Фон Лонски. 

Според Јерг Радемахер, претставник за медиуми во Министерството за внатрешни работи во покраината Северна Рајна Вестфалија, институциите треба да избегнуваат шпекулации бидејќи тие се штетни за нив и затоа важна е отвореноста за соработка со новинарите. Во неговата работа како портпарол, вели, го бара балансот кога ќе ја соопшти информацијата на јавноста дали тоа да се направи веднаш или информацијата да се соопшти подоцна.

Работилницата на тема: „Унапредување на соработката меѓу медиумите, лицата за односи со јавност од јавниот сектор и новинарите кои се занимаваат со истражување од областа на корупцијата“ е во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со ИПА Твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“.

На дводневната работилница учествуваат претставници од институции од јавниот сектор задолжени за односи со јавност и новинари кои се занимаваат со истражување на корупцијата со цел размена на искуства и развивање модели за практично работење и ефикасно делување.