Свет
21. November 2016 - 9:02

Путин: Трaмп е подготвен за нормализирање на односите

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека за време на телефонскиот разговор со Доналд Трамп на 14 ноември, новоизбраниот претседател на САД изразил волја за нормализирање на билатералните односи помеѓу Москва и Вашингтон, јави ТАСС.

- Прашањето за конкретна средба и можен датум не беше разгледано, но констатиравме дека би било полезно да се организира средба на наши претставници. Трамп се уште го составува тимот, затоа во моментов е тешко да се говори за таква средба. Да почекаме, има време, посочи Путин на прес-конференција во Лима по самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

Во однос на кусата средба со актуелниот американски претседател Барак Обама на маргините на форумот, Путин му заблагодарил за годините на заедничка соработка и го покани да ја посети Русија.

- Иако дијалогот меѓу нас не беше лесен, а може да се нарече дури и сложен, меѓу мене и претседателот Обама секогаш постоела заемна почит. Јас му заблагодарив за соработката и му реков дека во секое време, ако е неопходно и ако постои волја за тоа, ние со задоволство ќе го пречекаме во Русија, истакна Путин.

Путин исто така изрази подготвеност да го задржи производството на нафта на сегашното ниво.

- Ние ќе направиме се што нашите партнери од ОПЕК очекуваат. Сегашната стапка на производство за нас не е проблем, увери рускиот претседател.