Балкан
17. April 2021 - 16:44

Пусиќ: Нон-пејперот за прекројување граници постои

Дипломатски скандал  и опасен документ креиран од лудаци, чие остварување ќе значи прв чекор кон распаѓањето на Европа. Либералите од југоисточна Европа едногласно го осудија фамозниот нон пејпер, кој предвидува промена на границите на регионот.

Постои или не, документот кој наводно во текот на февруари по тајни дипломатски канали е однесен во Европскиот Совет предвидува поделба на Босна и Херцеговина, припојување на Косово кон Албанија, а се шпекулира и за прецртување на картата на Македонија.

Авторите се непознати, но документот постои, уверува поранешната шефица на хрватската дипломатија, која целата идеја ја оцени како “смртоносна”

Со вакви неофицијални документи почна и војната во Босна, потсетува босанскиот пратеник Којовиќ и тие треба да биде спречени со сите можни средства.

Нон пејперот наводно е изработен од словенечкиот премиер Јанша. Иако тамошните медиуми го објавија, тој демантираше дека постои таков документ и дека е поврзан со словенечката влада. За македонската дипломатија, внимателноста е клучна во овој момент.

Идејата за прекројување на балканските граници ја осудија и од Кабинетот на претседателот Пендаровски. Остра реакција стигна и од неговиот српски колега Вучиќ, додека, пак, албанскиот премиер Рама синоќа потврди дека таква карта видел и претходно, но не сакаше да ја коментира.

Неколку дена по објавувањето се огласија и од Европската комисија. Официјално не потврдија дека таков документ пристигнал во Брисел, додавајќи дека позицијата на ЕУ е јасна – на западниот Балкан ништо не треба да се менува.