Македонија
23. July 2016 - 17:06

Пуштени во употреба две тениски игралишта во СРЦ „Билјанини извори“

Во Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ денеска се пуштени во употреба две игралишта за тенис, изградени во рамки на проектот што го реализира Агенцијата за млади и спорт.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој денеска е во Охрид, го посети и СРЦ „Билјанини извори“ рече дека се работи за инвестиција вредна околу 470 илјади евра. - Таа претставува сериозна инвестиција во спортот и во подобрување на инфраструктурата за рекреација на граѓаните на Охрид, додае тој.

За изградбата на двата нови тениски терени, од кои едниот е единечен, а другиот двоен се издвоени 19 милиони денари, додека во рамки на Спортскиот центар при крај е изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште за кое од Агенцијата за млади и спорт се  обезбедени уште 9 милиони денари.

За време на посетата надлежните го информираа Груевски дека во напредна фаза е најкрупната инвестиција во областа на спортот во Охрид - затворениот пливачки базен во вредност од околу пет милиони евра.

- Интензивно се работи на тој проект. Се тамопонира горниот слој на подлогата. Имавме некои проблеми, непредвидени градежни зафати,  проблеми со подземни води, но тие се надминати и интензивно се работи. Очекуваме согласно сегашната динамика за две години, односно кон средината на 2018 година Охрид да добие капитално спортско здание што ќе значи многу не само за градот, туку и за целата држава. Се работи за прв затворен базен изграден во земјата по 30 години, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Сите предвидени спортски терени во рамки на Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ ќе бидат целосно инфраструктурно уредени, со пристапни патеки и со осветлување со можност за рекреација во вечерните часови.

Истовремено изработена е планска документација и избран е изведувач на две повеќенаменски игралишта кои ќе се градат во Охрид.

Со почеток на изградбата на тие две игралишта,  најавена за двесетина дена, како и со веќе изградените, Груевски рече дека се реализираат ветувањата дадени како во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, така и во владините проекти.

Локалната самоуправа е задоволна од соработката со Агенцијтга за млади и спорт.  За околу една седмица ќе отпочне и изградбата на фитнес зоната. Проблем за нејзината изградба е веќе изградената пешачка патека, која оневозможува влез на механизација на локалитетот наменет за тоа.

Груевски ги посети и веќе изградените содржини во рамки на СРЦ „Билјанини извори“ како што е фудбалското игралиште на вештачка трева кое овозможува спортски туризам во градот и подготовки  на фудбалски екипи од странство. Тоа е изградено според сите меѓународни стандарди што ги предивидува Европската фудбалска асоцијација.

Како што информираа претставниците на СРЦ „Билјанини извори“ во зимскиот период максимално се искористени капацитетите на центарот за подготовки на спортски екипи. Најчесто се работи за спортски екипи од Србија, Албанија, Бугарија, како и домашни екипи.

За кондициските тренинзи спортистите ја користат и атлетската патека на Спортско рекреативниот центар, која е целосно изработена според меѓународните атлетски стандарди, како и отворениот базен што функционира во рамки на центарот.

Од општина Охрид информираат дека со свои средства ги субвенционираат сите спортски екипи од градот за термините за нивни тренинзи, како и за младинските спортски школи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше информиран дека  во тек е изградба на пешачка патека во должина од 600 метри, на потегот од Билјанини извори, долж каналот Студенчишта. Инвестицијата која е вредна 19 милиони денари, предвидува целосно уредена пешачка и велосипедска патека, која ќе биде осветлена, партерно и хортикулутно уредена.

За време на посетата на Охрид, Груевски најави нов проект кој ќе се реализира преку Министерството за култура. Се работи за воспоставување нов фестивал, што наизменично би се одржувал во Охрид и во Скопје и на кој би  учествувале светски познати музички имиња.

- Покрај учеството на фестивалот сите пејачи и групи што ќе бидат дел од програмата ќе можат во Охрид, односно Скопје да  одржат и свои концерти, така што тоа би било една дополнителна содржина и мотивација за нивно учество. Дел од замислата за проектот е што сите учесници на  фестивалот, односно познати светски музички имиња да создадат и барем една песна што би ја испеале на македонски јазик, рече Груевски.

Во рамки на денешната посета на Охрид, Груевски ќе ја посети пешачката патека која ги поврзува каналот Студенчишта со поранешнниот хотел „Парк“, а е во трета фаза на изградба. Попладнево тој ќе се сретне и со жителите од туристичката населба Коњско.