-->
-->
Првпат во 59 години Куба ќе има претседател кој не е од семејството Кастро
-->
Парламентарните избори што ќе се одржат в недела во Куба не наликуваат на ниту едни избори во регионот. Нема рекламни спотови. Нема предизборни митинзи. Нема кандидати под партиски слогани затоа што сите или се членови на владејачката Кубанска комунистичка партија или се „независни“ кандидати кои се придржуваат кон партиската линија.
Единствениот надворешен знак за претстојните избори се фотографиите и биографиите на кандидатите објавени на јавни места. Самите кандидати тивко посетуваат квартови и фирми за да контактираат со луѓето.
И покрај тоа што кубанските избори минуваат без многу бука, избирачката активност - некои тоа го припишуваат на владиниот притисок - варира околу и над 95 отсто. Повеќе од осум милиони Кубанци треба да изберат 605 членови на Националното собрание и 1.265 делегати во 15 провинциски собранија.
Интересот за изборите е поголем од вообичаено затоа што новиот Парламент треба да се состане на 19 април и да избере наследник на 86-годишниот претседател Раул Кастро. Се очекува новиот претседател да биде првиот кој не е член на семејството Кастро по револуцијата во 1959 година, кога Фидел, постариот брат на Раул, ја презеде власта.
- Навистина е интересно да видиме каков ќе биде новиот претседател, изјави Ернесто Балан. возач на такси во Хавана. - Секогаш сме имале лидери со силна индивидуалност и присуство, но се уште не го познаваме новиот, додаде тој.
Раул Кастро ја презеде привремено власта, кога во 2006 година се влоши здравјето на брат му, а потоа во 2008 година официјално стана претседател. Фидел почина осум години подоцна на 90-годишна возраст.
Минатата година Раул Кастро објави дека нема да се кандидира за трет мандат на функцијата. Преовладуваат очекувања негов наследник да стане актуелниот потпретседател Мигел Диас-Канел, инженер кој бил министер за образование.
- Никој не рекол дека тој ќе биде следниот претседател, но ние мислиме така затоа што Раул му даваше многу важна улога во изминатите години, изјави пензионерка која чекаше долг ред пред аптека во Хавана и замоли да биде анонимна.
И покрај тоа што припаѓа на постреволуционерна генерација Диас-Канел тешко дека ќе воведе нови големи слободи и реформи. Освен што е познат како приврзаник на континуитетот, тој најверојатно ќе биде ограничен и од присуството на Кастро, кој ќе биде на чело на партијата најмалку до нејзиниот следен Конгрес во 2021 година.
Кастро исто така е кандидат за место во Парламентот и се очекува да продолжи да располага со влијание врз армијата. Неговата Влада воведе економски реформи кои на повеќе луѓе им дозволија да почнат мал бизнис, но строгите ограничувања врз приватното претприемништво остануваат во сила.
Различното мислење е ограничено до толкав степен што некои Кубанци разговараат за политиката со странци само во некој парк кој е далеку од ушите на други луѓе. Но, многумина Кубанци велат дека се благодарни за постигнувањата на Револуцијата, како што се бесплатното образование и здравство, како и ниските трошоци за живеалишта.
Хавана е безбедно место каде бездомниците и питачите се ретки. Економијата е обновена по рецесијата во 2016 година. Порастот за 2017 година е 1,6 отсто и се должи главно на земјоделството и туризмот. Но, животот останува тежок за многу Кубанци кои имаат многу ниски плати и тешко наоѓаат прехранбени продукти и други основни стоки кои можат да исчезнат од пазарот поради дефицит во производството. Главните извори на приходи во Куба се парите кои ги испраќаат кубанските емигранти чии број изнесува стотици илјади во САД, Мексико и Шпанија.
- Високата избирачка активност не е директен одраз на голем интерес за политиката, вели еден локален новинар, кој ги отфрла ставовите на некои дисиденти дека луѓето се чувствуваат принудени да гласаат. - Кубанците гласаат поради нешто како чувство на долг и за да ја поддржат Владата чиј пад според нив, би им ги влошил проблемите, вели новинарот.
Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп ги засили ограничувањата за бизнис и патувања до Куба, откако односите се затоплија за време на Барак Обама. Вашингтон инсистира на тоа дека на карипскиот остров треба да бидат воведени повеќепартиска демократија и капитализам.
Ваквите предлози предизвиккуваат мал ентузијазам поради стравувањата на Кубанците дека ќе ги загубат социјалните придобивки и ќе станат извор за економска експлоатација од страна на САД. Куба нема да направи отстапки од својот суверенитет, ниту да преговара за своите принципи, рече Диас - Канел.
- Има една генерација што даде се за Револуцијата, изјави студентот Јосвиан Санчес кој дошол во културен центар за да користи интернет. - Сега е ред на помлади луѓе. Можеме да направиме грешки но треба да ни се даде шанса, додаде тој
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
Мемеди: Намалена смртноста на детската клиника
-
Локалната најавува капитални проекти
-
Протести во Ореовец
-
Преглед на вестите од светот
-
ВО ЖИВО: Како да се заштити Скопје од криминалните банди?
-
Тема на денот со Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи
-
Компаниите и владата мора заедно да работат за дигитална трансформација
-
Четири јавни дебати за реформи на Судскиот совет