Првите луѓе на американската влада дискутирале доверливи воени информации на обична апликација за пораки
Членови на Советот за национална безбедност на САД ја користеле апликацијата „Сигнал“ („Signal“) да разговaраат за претстојната воена операција против јеменските Хути, и како еден од учесниците на затворената група се нашол и Џефри Голдберг, главен уредник на изданието „Атлантик“.
Во разговорот учествувале клучни претставници на американскоиот врв: министерот за одбрана Пит Хегсет, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс, советникот за национална безбедност Мајк Волц и други високи функционери, или вкупно 18 лица.
Голдберг бил додаден во групата на 13 март 2025 година, само два дена пред САД да ги започнат воените напади. Во напис објавен од „Атлантик“, тој пишува дека во чатот детално се разгледувале сите аспекти на операцијата: времето и целите на нападите, очекуваната реакција на други држави, можните ризици и последици. Главниот уредник истакнува дека потпретседателот Венс бил против избрзан напад и се обидел да ги убеди другите учесници во дискусијата, операцијата да се одложи за подоцна, но неговиот став не наишол на поддршка.
- Никогаш досега не сум видел толку флагрантно нарушување на доверливоста. Членовите на Советот за национална безбедност користат „Сигнал“, но обично само за координирање состаноци и логистика, а не да разговараат за воени операции, изјави главниот уредник на списанието.
Не е јасно како Голдберг се нашол во група која разговара за доверливи воени работи, а самиот нема дозвола за пристап до државни тајни.
По почетокот на воената операција, Голдберг побарал официјален коментар од Советот за национална безбедност. Претставник на советот ја потврдил автентичноста на чатот и соопштил дека моментално се спроведува истрага за тоа како новинарот добил пристап до затворената комуникација.
Според правниците кои ги консултирал „Атлантик“, креаторот на групата, Мајк Волц, најверојатно прекршил неколку одредби од американскиот Закон за шпионажа, кој строго ги регулира процедурите за ракување со доверлива воена информација. Експертите потенцираат дека „Сигнал“ не е официјално одобрен од владата како канал за размена на класифицирани податоци. Во случај на загуба или кражба на телефоните на учесниците во чатот, последиците по националната безбедност на САД можеле да бидат крајно сериозни.
По наредба на претседателот Доналд Трамп, на 15 март 2025 година САД започнаа обемни воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен. Според соопштението на Централната команда на вооружените сили на САД, операцијата е со цел заштита на американските интереси во регионот и обезбедување на слободна пловидба.
Ново на Сител
-
Експерти: ДИК не смее да усвојува правилник за изборите
-
Тема на денот со Борис Кондарко - Претседател на ДИК
-
Опозицијата бара кривична одговорност за началникот, Мицкоски вели ако се огрешил ќе одговара
-
Мицкоски контра Меџити - Убивањето на безбедносните сили од заседа во 2001 не може да е разумно
-
Упатство на ДИК за независните ќе биде без број на потписи и без заверка од нотар
-
Општините потрошиле рекордни 190 милиони евра преку тендери
-
Не исправна е одлуката на министерот за одземање на ингеренциите на Стоматолошката комора тврди претседателот
-
1.118 матуранти неделава повторно на „жешките“ столчиња