Прва жртва по укинувањето на автономијата на Кашмир
Демонстрант загина во индискиот дел на Кашмир, што е прва жртва по укинувањето на автономијата на провинцијата. Демонстрантот загина денеска откако полицијата го бркала за време на полицискиот час, по што тој скокнал во реката Џелам и загина.
Тоа е прва објавена смрт во тензичната недела поради незадоволството на населението откако хиндуистичката Влада на индискиот премиер Нарендра Моди, во понеделникот со претседателски указ ја отповика уставната автономија на Џаму и Кашмир, во северниот дел на Индија. Во протестите има и шестмина повредени.
Парламентот на Индија вчера усвои одлука за реорганизација и нова класификација на државите Џаму и Кашмир, со која Владата во Њу Делхи ќе има поголема власт над регионот со мнозинското муслиманско население. Со Законот кој го усвои Долниот дом се менува административниот статус на Џаму и Кашмир од држава во сојузна територија. Се очекува денеска да бидат назначени владини гувернери за оваа област.
По укинувањето на автономијата, избувнаа повеќе протести. Властите ја суспендираа употребата на Интернет и мобилни телефони во неколку области и забранија јавни собири во Сринигар. Безбедносните сили приведоа над 100 лица, меѓу кои и политички лидери и активисти, со оценка дека биле закана по мирот и стабилноста во Кашмирската Долина.
Официјален Исламабад ја смета индиската одлука за противзаконска и оценува оти со неа се крши резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.
Во меѓувреме се огласи и пакистанскиот премиер Имран Кан, предупредувајќи дека ако меѓународната заедница не интервенира, би можело да дојде до војна меѓу Индија и Пакистан, потенцирајќи дека тоа „ќе биде војна без победник, а чии последици ќе се почувствуваат на глобално ниво“. Кан потенцира дека неговата Влада разгледува повеќе опции за дејствување, вклучително и обраќање до ОН и Меѓународниот суд на правдата, со цел Индија да ја повлече одлуката. Тој предупреди дека би можело да дојде до ескалација на тензиите меѓу Индија и Пакистан, и последователно до сеопшт судир.
Кризата во Кашмир датира од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без решавање на статусот на регионот. Околу 90 отсто од популацијата на Кашмир се муслимани, кои по повлекувањето на Британците бараа регионот да се припои кон Пакистан, но тогашниот управител на регионот сепак одлучи Кашмир да го припои на Индија. Потоа, Индија и Пакистан во 1947 првпат војуваа за Кашмир, како и во 1965 и во 1999 година. Индија контролира 45 отсто од Кашмир, Пакистан 35 и Кина 20 отсто.
Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствена доминатно муслиманска покраина во Индија. Пакистан, на делот од Кашмир кој е под негова контрола му даде статус на две автономни територии, наречени Азад кашмир (Слободен кашмир) и Гилгит-Балтисан.
Советот за безбедност на ОН со повеќе резолуции предвидува статусот на Кашмир согласно волјата на тамошниот народ и регионот да се демилитаризира.
Ново на Сител
-
Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина
-
Фон дер Лајен, Макрон и Мерц: Построги санкции ако Русија одбие примирје
-
Индија и Пакистан потврдија за договорен прекин на огнот со посредство на САД
-
Одбележана 10 годишнина од настаните во Диво Насеље
-
Турчин во Скопје со капак од шахта удирал по глава свој сонародник, пробал да го убие
-
Вработена во основно училиште пријавила дека била нападната од ученик
-
Жената која беше пријавена за исчезната, пронајдена почината
-
Федерер за последниот натпревар: Му кажав работи на Ѓоковиќ кои го разнежнија