Прва тет-а-тет средба на претседателите на САД и Кина
Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден се сретнаа денеска на Бали пред самитот на Г20, во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво во последните децении.
Двајцата државници првпат разговараат лице в лице откако Бајден стана претседател, а состанокот на Г-20, кој започнува утре, секако ќе ги проследи тензиите околу руската инвазија на Украина.
Си и Бајден срдечно се ракуваа на средбата во луксузниот хотел Мулија во заливот Нуса Дуа.
– Поминавме многу време заедно кога двајцата бевме потпретседатели и мило ми е што Ве гледам, го поздрави Бајден својот кинески колега и им рече на новинарите дека е решен да ги задржи отворени линиите на комуникација на лично ниво и на ниво на неговата администрација.
– Како лидери на двете земји, ја споделуваме одговорноста да покажеме дека Кина и САД можат да ги контролираат меѓусебните разлики и да спречат ривалството да се претвори во конфликт, како и дека можеме да најдеме начин да работиме заедно за глобалните прашања кои бараат взаемна соработка, потенцираше Бајден.
Тој изрази очекување дека двете земји ќе соработуваат за решавање на прашањата за климатските промени и несигурноста околу снабдувањето храна.
Од своја страна, Си истакна дека двете земји мора да го трасираат својот курс, да го најдат вистинскиот пат и да го подигнат нивото на односите. Тој, исто така, рече дека сегашните односи меѓу двете земји не се во интерес ниту на Кина, ниту на САД и дека тие треба „да го пренасочат кормилото“.
– Од првичниот контакт и воспоставувањето дипломатски односи до денес, Кина и САД минаа преку 50 и повеќе години со настани, со добивки и загуби, како и со искуство и лекции, рече Си, пренесува Синхуа.
Во првиот директен разговор со Бајден, кинескиот претседател посочи и дека двете земји мора да ја разјаснат развојната насока на нивните земји и да размислат и да разјаснат како да се сложуваат со другите земји во светот.
– Во моментов, државните односи на релација Кина-САД се соодетствуваат со основните интереси на двете земји и нивниот народ, рече Си, додавајќи дека тоа не е она што меѓународната заедница го очекува од овие две земји.
Истакнувајќи дека неговата средба со Бајден го привлече вниманието на светот, Си рече дека двете страни треба да соработуваат со сите земји за да донесат повеќе надеж за светскиот мир, поголема доверба во глобалната стабилност и посилен поттик за заеднички развој.
Си потенцираше дека е подготвен да има искрена и длабинска размена на мислења со Бајден за прашања од стратешко значење за Кина и САД, како иза главните глобални и регионални прашања, додавајќи дека тој исто така со нетрпение очекува да соработува со Бајден за да ги врати кинеско-американските односи „на патеката на здрав и стабилен раст во корист на нашите две земји и на светот во целина“.
Средбата, на која теми на разговор беа Тајван, Украина и нуклеарните амбиции на Северна Кореја, треше три часа. Овие прашања ќе доминираат и во дискусиите на Самитот на Г-20, кој се одржува без присуство на рускиот претседател Владимир Путин.
Белата куќа соопшти дека по денешната средба не се очекува заедничка изјава на Си и Бајден, но се очекува изјава на американскиот претседател.
Ново на Сител
-
Кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги реферираа пред Комисијата за избори и именувања
-
СОС Детско село ја доби Цветиновата награда за мир
-
Во Чаир три кражби на чанти
-
Тошковски во посета на Центарот за борба против тероризам на Унгарија
-
Ја продал нивата за да се прошират гробиштата, сега му ја враќаат со 150 закопани
-
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Делчево - Македонска Каменица
-
Ангелов: Државата е подготвена за претстојни врнежи од снег
-
Кан: Нојер не треба да го пропушти вистинскиот момент за пензионирање