Свет
28. April 2020 - 13:46

Прва фаза за тестирање вакцина против Ковид-19 во Велика Британија

Во Велика Британија почна првата фаза за испитување вакцина против коронавирусот, во која е предвидено да бидат вакцинирани околу 1.100 волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години, од кои половината ќе примат вакцина против Ковид-19, а останатите контролна, изјави денеска Марија Зариќ од Универзитетот Оксфорд.

Зариќ, која е по потекло од Србија и е член на тимот кој работи на тестирање на вакцината, истакна за белградската ТВ Прва дека испитувањето се врши во три фази. Во првата фаза истражувачите ја тестираат вакцината за да се утврди дали има некакви несакани ефекти и кои дози се потребни.

На прашањето кога ќе заврши испитувањето и кога ќе биде достапна вакцината, таа одговори дека постојат одредени индикации за тоа, а колку брзо ќе биде достапна зависи од неколку фактори – да е безбедна, да заштитува и да биде ефикасна.

Според неа, во втората и третата фаза ќе бидат тестирани 5.000 луѓе од кои половина ќе примат Ковид вакцина, а половина контролна.

Зариќ нагласи и дека постои можност кога ќе се работи на истражување на ефикасноста на вакцината, коронавирусот можеби нема да биде толку присутен и нема да може да се каже дали вакцината е доволно ефикасна или не.

Таа истакна дека вурусот се појавил пред четири месеци и засега е непознато дали остава долготраен имунитет, а тоа ќе може да се каже дури за една година, можеби и подоцна.