Свет
30. December 2016 - 11:53

Прв случај на птичји грип во Словачка

Словачкото Министерството за земјоделство соопшти дека на територијата на земјата е откриено присуство на вирусот на птичји грип, јави дописникот на МИА.

Жариштето се наоѓало во приватна фарма со живина во главниот град Братислава, чие производство не било наменето за комерцијални цели.

Случајот е откриен откако сопствениците пријавиле дека за време на божиќните празници им угинале сите 65 кокошки и пилиња. По лабораториските потврди дека се работи за птичји грип Х5 уништени се примероците и е извршена дезинфекција.

За случајот, Братислава ги информирала надлежните органи на Европската унија и словачките власти ги повикаа земјоделците да се придржуваат на биолошката контрола на нивните фарми и во случај на сомнеж веднаш да се обратат до надлежните ветеринарни станици.

Птичјиот грип во последниве неколку месеци се појави на фарми во Германија, Австрија, Холандија, Франција, Полска, Унгарија и Хрватска. 
Вирусот на оваа болест првпат се појави во Хонг Конг во 1997 година и од тогаш се прошири меѓу живината првично главно во Азија, а подоцна и низ целиот свет.