Македонија
13. July 2020 - 19:41

Прв ден избори - како тече гласањето на лицата во изолација поради Ковид-19?

Почна најсложениот изборен процес во Македонија поради корона пандемијата. Еден милион 814 илјади 263 граѓани ќе гласаат во три дена зависно од тоа во која категорија припаѓаат.

Денеска гласаат позитивните на Ковид-19 кои се на домашно лекување и оние кои се со решенија во изолација. ДИК потврди дека од околу 5.000 граѓани кои се во домашна изолација само 706 пројавиле желба да го искористат избирачкото право. Тие имаа рок до 8 јули на полноќ да поднесат пријава до ДИК. Иако изминативе денови бројот на заразени со корона е голем, а со тоа и зголемен бројот на решенија за изолација сепак овие граѓани нема да можат да го остварат своето уставно право.

Од друга страна во ДИК денеска пристигнаа и два приговори од лица кои дента на 8 јули добиле позитивни тестови и апликацијата за гласање ја пополниле во последните минути пред полноќ, но сепак не биле впишани како избирачи кои ќе гласаат дома. Апликацијата во ДИК регистрирала дека тие сепак, се пријавиле по рокот. Иако членовите на ДИК имаа различни ставови, сепак не ги прифатија приговорите.

Утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8.852, лицата во 13 казнено-поправни установи и тоа 1.657 и шест внатрешнораселени лица.  Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи. На главниот избирачки ден гласаат сите останати со почитување на здравстевните протоколи.

Изборите ќе ги набљудуваат 2508 домашни и 96 странски набљудувачи.