Протести против Маск ширум светот
Илјадници луѓе ширум светот вчера се одѕваа на повикот на Движењето „Да ја собориме Тесла“ (Tesla Takedown) и протестираа пред продажните салони за автомобили на компанијата Тесла, изразувајќи го своето незадоволство од политичкото влијание на Илон Маск.
Покрај протестите ширум САД, демонстрации се одржаа и во Австралија, Нов Зеланд, Канада, Ирска, Германија, Швајцарија, Франција, Велика Британија и други европски држави.
Движењето „Да ја собориме Тесла“ ги повикува граѓаните на три конкретни чекори: да не се купува Тесла, да се продадат акциите во Тесла и да се придружат на протестите.
Еден од слоганите е „Да и се наштети на Тесла значи да се сопре Маск. Запирањето на Маск значи спасување животи и демократија“.
Во Ирска протестите се одржуваа под слоганот „Смачкај го фашистот“ (Smash the Fash), додека пораката од Швајцарија беше „Да го собориме Доге“, алудирајќи на новото американско федерално тело Департмент за владина ефикасност.
Организаторите на протестите наведуваат дека главната цел на Движењето е ненасилен отпор, но оти нема повеќе време за чекање. Тие истакнуваат дека „Никој нема да не спаси освен нас самите“.
Демонстрантите во САД ги вандализираат и објектите на Тесла, но организаторот се оградува од таквите напади, потенцирајќи дека се мирољубиво Движење, кое е против насилство и уништување на имот.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека секој облик на насилство врз објектите на Тесла ќе биде класифициран како домашен тероризам.
– Мирните протести на јавна површина не се домашен тероризам, соопшти Движењето.
Протестите и вандализмот почна откако Маск стана дел од администрацијата на Трамп и поради неговите контроверзни политички ставови. Маск на инаугуративната вечер поздрави со дигање на десната рака, што беше протолкувано како фашистичкиот поздрав. Голем број луѓе ширум САД своето незадоволство прво го изразија со мирни протести, кои потоа прераснаа во насилство и уништување имот.
Во исто време продажбата на автомобилите Тесла на клучните пазари бележи пад. Продажбата во Германија е драстично намалена, во февруари продадени се 76 отсто помалку автомобили отколку во истиот период минатата година и покрај зголемувањето на вкупната продажба на електрични автомобили за 31 проценти. И во Кина е регистриран пад на продажбата за 11,5 отсто во споредба со минатата година. Во Норвешка, Данска и Шведска забележан е пад на продажбата од 40 проценти, додека во Франција изнесува 26 отсто.
Ново на Сител
-
Тргна коњаницата кон Крушево
-
Тема на денот со Марјан Калевски, Зелен Хуман Град
-
Претседателката на Антикорупциска поднесе оставка
-
Пратениците во вторник ќе расправаат за интерпелацијата на државниот обвинител Коцевски
-
Втор ден потрага по 16-годишно девојче кое вчера ја повлекоа водите на Вардар кај Уланци, Градско
-
Активни 6 пожари
-
Топлотниот бран ги „вжешти“ телефоните во Скопската брза помош
-
Расте бројот на нови партии пред изборите, без измени на Изборниот законик нема независни кандидати