Македонија
22. јуни 2018 - 21:38

Протест против Договорот за името во центарот на Скопје

Помала група граѓани и вечерва одржаа мирен протест пред Собранието на Република Македонија против Договорот за спорот со името.

Тие ги повторија ставовите дека за нив Договорот е штетен и спротивен на Уставот и на македонските државни интереси. Повторија дека Договорот треба да биде отфрлен и дека најавениот референдум треба да биде бојкотиран. 

Ана Бобинкова Мијаковска од Граѓанската иницијатива Подем рече дека Договорот според правни експерти има фалинки и е неодржлив и оти предмет на Договор не може да биде промена на име.

- Со Уставот не е предвиден референдум на кој што би се ставило на гласање името на државата, рече Бобинкова Мијаковска.

Протест пред македонското Собрание е најавен и за утревечер во организација на група граѓани „Млади за Македонија“. Поради поставување бина пред македонското Собрание за протестот, утре ќе биде пренасочен сообраќајот во централното градско подрачје од 10 часот изутрина, соопштија од МВР.