Свет
8. January 2016 - 15:09

Прослава во Северна Кореја по повод успешната проба на првата хидрогенска бомба

Десетина илјади севернокорејски војници и цивили се собраа денеска на плоштадите и во салите на Пјонгјанг со цел, во организација на државата, масовно да го прослават изведувањето на четвртата нуклеарна проба. 

Луѓето танцувале по улиците, а државните медиуми јавуваат дека на прославата присуствувале и високите членови на државното раководство вклучувајќи го и премиерот Пак Понг Ју, пренесува Танјуг.

Најмногу граѓани, околу 100.000 според проценките на државните медиуми, се собрале на плоштадот  „Ким Ил Сунг“ кој е именуван по покојниот основоположник на земјата и дедо на сегашниот лидер Ким Јонг Ун. 

- Воодушевено го славиме историскиот национален настан на успешно изведена прва проба на хидрогенска бомба, пишувало на транспарентот под кој стоеле севернокорејските војници.

Се уште не е познато дали на прославата присуствувал и  севернокорејскиот претседател Ким.

Официјален Пјонгјанг пред два дена соопшти дека ја извеле својата прва успешна проба на минијатурна хидрогенска бомба, што се уште не е потврдено, но следеа осудувања од сите страни на светот.