Македонија
27. January 2020 - 12:11

Проширувањето високо на агендата на претседателството на Хрватска со ЕУ, опозицијата бара власта да не ги дига надежите дека Македонија ќе добие датум

Три приоритетни столба на кои треба да се фокусира Македонија во следниот период за да може да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија денеска во Собранието презентираше амбасадорот на Унијата, Самуел Жбогар.

Собранието треба да се фокусира на Законот за Јавно обвинителство, Изборниот Законик, но и процесот Жан Моне, за што следната недела треба да се одржи дијалог во Собранието на кој ќе присуствуваат и  претставници на Европскиот парламент. 

-Да работиме заедно како Влада и опозицијата. Мислам дека Собранието беше модел пример во регионот во изминатите неколку години. Покажа како сите политички партии можат да работат на важните реформи за земјата. Го видовме тоа многу пати и се надевма дека ќе го видиме тоа и во преостанатиот дел од времето до распуштање на Собранието. Во однос на изборите, всушниот третиот столб, очекуваме слободни, фер и мирни избори. Но во исто време треба да забележиме дека изборната кампања иако не е почната официјално всушност веќе е почната откако во октомври се објави датумот и со зголемување на кампањата се зголемувааат и тензиите во политиката кои се одразуваат и врз целото општество, вели амбасадорот Самуел Жбогар.

Повика лидерите на партиите да ги намалат тензиите, за да не влијаат врз целокупното општество. 

Според хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ, за време на претседателството на Хрватска, високо на агендата на приоритети е проширувањето. 

-Во однос на приоритети, работата на европското претседателството ќе се фокусира на четири главни прашања. Договор за повеќегодишна финансиска рамка, одвојувањето на Обединетото кралство од Европската унија, организирањето на Самитот во мај и подготовката на Конференцијата за иднината на Европа, како повеќегодишен проект. За време на нашето претседателство со ЕУ посебен фокус ќе се стави на проширувањето на ЕУ во однос на Југоисточна Европа. Земјите од Југоисточна Европа заслужуваат европска перспектива и Хрватска може да им ја даде поддршката на тој дел од Европа. 

Вицепремиерот за европски прашања, Османи вели дека Македонија е подготвена за почеток на преговорите веднаш. Според него, процесот е политички, но влијае на целото општество. 

-Верувам дека сите ќе се согласиме дека очекувањата се големи и јас би рекол и разумни и рационални. Ваквата констатција доаѓа од фактот дека резултатите во односите со нашите соседи, како и остварените реформи, особено во клучните области се познати и потврдени од сите релевантни фактори. Како заменик претседател на Владата и клучен преговарач потвдувам дека сме подготвени за предизвиците на процесот на преговори. Тие можат да отпочнат веднаш, вели Османи.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, пак, упати критики и  кон власта и кон Европската унија. Вели дека приоритетот на Европската унија е донесување на буџетот, а не на проширувањето. Повика власта да не ги крева надежите дека со сигурност Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите на Самитот во Загрев во мај. 

-За разлика од пријателска Хрватска, за многу земји во ЕУ проширувањето не е приоритет. И секогаш се наоѓаат доволно добри изговори како таа тема да се помести за следниот семестар. Така беше во изминатите 16 години од последниот самит во Солун каде што се усвои една амбициозна агенда. Ние сме задоволни од позитивните изјави и намери на новиот комесар за проширување на ЕУ, но мморам да кажам дека има голема разлика од почетничкиот ентузијазам на еден нов комесар до стратешката визија или национални цели на лидерите на поголемите земји членки на ЕУ.

Милошоски му посочи на амбасадорот Жбогар дека власта го користи европското знаменце за да се изгласаат Закони кои немаат врска со усогласување со европското законодавство. Вели дека ЕУ била свесна за тоа, но не реагирала.

 

Даниел Василев