Бизнис
20. July 2021 - 16:56

Просечната плата повисока за 283 денари

Расте просечната плата во земјава. Статистиката пресмета дека во мај платите пораснеле за 8,8% во споредба со истиот месец лани,  додека за првите 5 месеци зголемувањето е за 6%. Просечната месечната плата по вработен за мај изнесува 28.721 денар и е за 283 денари повисока од април. Платите се зголемиле скоро во сите сектори  На врвот, со највиски примања убедливо се програмерите. Земаат  во просек над  72 илјади денари, што е раст за 10 отсто во однос на истиот период лани.Веднаш зад нив се вработените во фармацијата, каде просекот надминува 47 илјади денари. Следни се лицата кои работат во финансиските дејности, телекомуникациите, воздухополовниот транспорт, управувањето со отпад и управувачки дејности.

Најниски примања има во текстилната индустрија  и покрај порастот на платите над 7%. Кај производство на текстил просечната плата надминува 22.600 денари, а кај производството на облека над 17.500 денари.  Најголемо намалување на платите пак, има кај вработените во туристичките агенции и тур операторите, кои беа едни од најмногу погодените сектори од ковид пандемијата.

Според познавачите, порастот на платите се должи на постепено заздравување на економијата,  но и поради големиот дел отпуштања кои се случија изминатиов период, пред се на лицата кој земаа – најниска, минимална плата. Организацијата на работодавачи неодамна алармираше дека можни се нови отпуштања наесен, односно некаде во септември, октомври.