Промовирана нова мерка: Субвенции до 5.000 евра за купување електричен автомобил
Повеќе електични авомобили за почист воздух, е првата, од двете мерки кои денеска ги промовираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а кои ќе имаат значително влијание врз заштита на животната средина, но и ќе значат поволност која ќе може да ја искористат граѓаните која ќе значи и стимулација,но и заштеда на нивните буџети.
-Со цел да придонесеме кон понатамошно намалување на емисијата на штетни издувни гасови од возилата со бензински и дизел мотори, како и намалување на бучавата во урбаните средини, во следниот период ќе преземеме низа на активности и мерки со кои ќе го стимулираме зголеменото користење на нови возила кои се целосно на електричен погон и кои имаат нула емисија на штетни гасови. Постојат различни видови на електрични автомобили, а тенденцијата е зголемување на нивниот капацитет, односно капацитетот на батериите кои се главниот сегмент во автомобилот. Енергенсот кој што го употребуваат е електричната енергија, а полнењето се одвива преку специјализирани полначи кои генерално се со различен капацитет. Постојат брзи полначи кој целосно ја полнат батеријата на автомобилот за дваесетина минути и чинат околу 15 илјади евра и бавни полначи кои за целосно полнење на батеријата во зависност на моќноста на автомобилот ја полнат до крај до 4 часа и чинат околу илјада евра, истакна Груевски.
Постои и трет начин на полнење, а тоа е најбавно во обичен трофазен штекер со кој полнењето до крај е околу 8 часа, и најчесто се користи во сопствени гаражи или гаражни места. Многу од европските држави нудат различни пакети на поволности со кои се стимулира користењето на електричните возила. Нашата цел е следење на трендот електричните возила да станат наше секојдневие и во приватниот и во јавниот превоз. Наполнетата батерија, во зависност на капацитетот на возилото, може да вози без ново полнење од 300 до 400 километри.
-Да напоменам дека секоја година овие перформанси се подобруваат. Имено, секоја година индустријата вади поевтини, а истовремено побрзи полначи, батерии кои подолго може да се користат и кои се се полесни. За оние кои не се доволно упатени да подвлечам дека полнењето не преставува големо трошење на струја и трошок. И уште нешто: оваа индустрија започна со производство на поскапи вакви автомобили, сега произведува и поевтини и помали, а на последната годишна конференција за електрични автомобили во Барселона, пред 10 тина дена, се констатира дека иднината е производство и на мали и евтини електрични автомобили, вклучувајќи и двоседи, додаде тој.
Денес, рече Груевски, објавуваме мерки кои ќе започнат да се нудат од 2017та со цел да го потикнеме купувањето на електрични автомобили кои имаат нула загадување, побрзи се и многу помалку се расипуваат бидејќи имаат помалку делови.
За таа цел го предвидуваме следниов пакет на мерки:
1.Увозот на нови електричните возила ќе биде со 0% царина и без дополнителна акциза.
2.При купување на нови електрични автомобили ќе се применува повластената даночна стапка од 5%, наместо сегашните 18% ддв.
Со ова ќе се направи дополнителна заштеда. На пример ако за возило од 30 илјади евра данокот на додадена вредност изнесувал 5 400 евра со намалените 5 проценти ДДВто ќе изнесува 1500 евра, односно 3 900 евра ќе заштеди купувачот.
Кој е генерално ефектот од овие мерки- Со овие мерки директно се влијае на намалување на пазарната цена на возилото за околу 20% во старт. Тоа значи ако сега тип на електрично возило чини 35.000 еур, после овие мерки ќе чини 28.000еур, што е заштеда од 7 илјади евра.
3.Покрај ова, Владата на РМ ќе дава субвенција за купување на електрично возило и тоа од 3.500 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е до 25.000 евра, и субвенција од 5000 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е над 25.000 евра. Мерката субвенции за физичките лица, но и за правните лица за набавка на најмногу 5 возила.
4.Сите електрични автомобили ќе бидат ослободени од плаќање на патарина на сите патишта низ Македонија каде што се плаќа патарина во период од 10 години, односно до 2027та година.Тоа значи дополнителна привилегија и заштеда за корисникот на автомобилот. Доколку на пример со автомобилот оди од Скопје до Градско и назад, ослободувањето од патарина ќе значи заштеда од 360 денари и тоа ќе може да го користи неограничен број пати. Ова е особена поволност за оние што патуваат секојдневно.
5.Сите електрични автомобили ќе можат бесплатно да паркираат на било кој јавен односно државен паркинг во рок од 10 години односно до 2027 година, вклучувајќи подземен паркинг, катна гаража, обичен паркинг и зонски паркинг кој се наплаќа, и на сите вакви паркинзи ќе има обележани и резервирани посебни места резервирани за паркирање само за овие возила.
Истовремено, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се предвиди со закон како обврска да се набават бавни полначи кои полнат до 4 часа, во износ од 5% од паркинг местата, оние кои ќе се предвидени за електрични возила на сите јавни, приватните паркинзи, оние кои се под концесија, како и катните и подземни гаражи и зонското паркирање кое се наплаќа.
Полначите кои ќе бидат инсталирани и паркинг местата кои ќе бидат обезбедени ќе бидат најатрактивните на паркиралиштето. Обврската за истите ќе биде покрај спорите полначи да набават и по најмалку два брзи полначи, при што енергијата односно струјата која ќе се троши ќе се наплаќа по цена која ќе ја утврдува Регулаторната Комисија за Енергетика, за да не дојде до злоупотреби. Што ова значи низ конкретни бројки. На пример, катната гаража Тодор Александров има 600 паркинг места, сега со оваа мерка од 5%, ќе мора да обезбеди 30 полначи за електрични возила бавни до 4 часа и 2 брзи, или Катната Гаража Македонска фаланга каде има 450 паркинг места значи дека ќе обезбеди 22 полначи за електрични возила. Плус по два брзи полначи до 20 минути.
Исто така во 2017 година, освен во Скопје, по најмалку еден брз полнач и два бавни ќе се инсталира и на поголемите јавни паркинзи во општините Битола, Штип, Велес, Охрид, Прилеп, Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш и Крива Паланка.
Исто, во 2017 година ќе се предвиди на паркинзите на сите хотели со 4 и 5 ѕвезди да обезбедат по два полначи (бавни) за електричните возила. Дополнително ќе се обезбеди и законски пропис со кој ќе се воспостави обврска новите згради кои ќе се градат да предвидат инсталации за трофазни 8 часовни приклучоци во секое гаражно место.
6.Во прва фаза, на електричните автомобили ќе им биде дозволено да возат и во приоритетниот простор на сообраќајниците, на местата каде постои, а каде сега е дозволено движење на автобуси и такси возила, што значи дека електричните автомобили побрзо ќе се движат низ сообраќајот.
7.Годишната регистрација за електричните возила, во делот за надомест за патишта ќе биде бесплатен во наредните 10 години. Тоа во просек ќе биде заштеда, во зависност од моќноста на автомобилот од 2.500 до 3 илјади денари секоја година. За полесна идентификација, електричните возила ќе имаат посебна регистарска табличка со јасно видлив дизајн и посебна боја.
8.Со цел градба на инфраструктура за полнење со енергија на електричните возила со закон ќе се предвиди задолжително вградување брзи полначи-
- Во 2017 г. на бензинските пумпи на сите автопати и магистрални патишта во државата ќе има по најмалку 1 брз полнач за електрични возила;
- Во 2018 г. на бензинските пумпи на сите автопати и магистрални патишта на секоја ќе има по најмалку 2 полначи брзи полначи за електричните возила;
- Во 2019 г. на бензинските пумпи на сите регионални патишта во државата да има по најмалку 1 полнач на секоја бензинска пумпа.
- Планот е во 2020 година да се постигне покриеност на сите патишта со по најмалку 1 брз полнач по бензинска пумпа.
Дополнително со цел полесно користење на полначите и местата каде се достапни, во прва фаза ќе се пристапи кон изработка на електронска апликација за мапирање на полначите која ќе може да се инсталира на мобилен уред.
Имајќи во предвид дека најактивни учесници во сообраќајот се токму автобусите и такси возилата, а со тоа поради природата на работата завземаат и значаен дел од загадувањето на воздухот, во рамките на овој проект предвидуваме и мерки кој се наменети за овие категории учесници во сообраќајот.
9.Градот Скопје во рамките на јавното сообраќајно претпријатие ќе отпочне со набавка на целосно електрични автобуси за потребите на Градот Скопје, со долгорочна тенденција електричните автобуси до 2030 година да сочинуваат повеќе од 50% од вкупниот број автобуси во градот.
-Можам да информирам дека веќе Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски ги започнаа првите иницијални разговори за набавка на нови 50 целосно електрични автобуси, односно 20 големи автобуси, дводелни со армоника зглоб на средината, и во кои можат да влезат 150 патника, (со дизајн на трамвај) и 30 минибуси. Набавката би била повеќегодишна, а средствата би ги покривале заеднички Владата и градот Скопје по половина. Ова е веќе усогласено меѓу градоначалникот на град Скопје и министерот за финансии, а плаќањето ќе е на неколкугодишни рати, подвлече Груевски.
Со набавката на 20-те дводелни електрични автобуси ќе се постигне истиот еколошки ефект како за изградба на трамвај кој чини неколкукратно поскапо, а и трамвајот и електричниот автобус имаа речиси нула загадување. Иако се планираше, трамвајот не се реализираше само заради високата цена која ја побараа сите производители и можни концесионери, и со која за да има приближно иста цена како автобусот, требаше две третини од цената да ја субвенционира државата, што заедно со инвестицијата за копање и поставување шини, како и набавка на возилата за трамвај, ќе ја чинеше државата годишна субвенција меѓу 11 и 14 милиони евра во период од 30 години. Тоа беше крајно неисплатливо, и затоа не се реализира, и покрај нашите големи обиди и разговори со многу производители. За разлика од тоа, набавката на 20-те зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај, не само што ќе го постигне истиот еколошки ефект, истиот број на кабини со ист број патници во него, истата брзина овозможена со резервираната лента, исто како кај трамвајот, удобност и слично, туку што е клучна разлика ќе избегне раскопување на целиот град во период од неколку години и побрза реализација и најважно цена за се на се, само околу 12 милиони евра, проценета вредност, кои ќе се исплаќаат во неколку годишни рати. 20-те вакви автобуси ќе се обраќаат на линијата која беше предвидена за трамвај.
Загадувањето по однос на животната средина ќе биде 0% од употребата на ваквите автобуси кои се направени според највисоките еколошки и технолошки стандарди. Дополнително ЈСП ќе нема трошоци за гориво. Понуда од ваков тип ќе биде овозможена и на другите општини кои имаат јавен градски превоз.
10.Имајќи во предвид дека освен автобусите, и такси возилата се најчести учесници во дневниот сообраќај, ќе се стимулира создавање на такси компании само со електрични возила. Со измена на регулативата, ќе овозможиме такси компаниите кои ќе имаат само електрични возила да бидат ослободени од сите давачки кон градот кои ги имаат останатите такси компании, како и да добијат неповратни 5.000 евра грант за секое ново електрично возило што ќе го набават. Полнењето со енергија на тие автомобили ќе биде бесплатно на сите државни паркиралишта во наредните 10 години. Треба да се има во предвид дека енергенсот односно бензините, дизел горивата или плинот на кој работи такси возилото е и најголемиот трошок на таксистите. Сега доколку се набави ново електрично возило, покрај поволностите кои следуваат за сите останати граѓани кои ќе се одлучат за ваков тип на возило, таксистите ќе се помогнат со неповратен грант од 5 илјади евра како и полнење на автомобилот кое ќе биде бесплатно за нив во рок од 10 години.
11.Секоја јавна институција, државна или општинска, како и секое јавно претпријатие формирано од Владата или општините, доколку пристапи кон јавна набавка на патнички возила за сопствени потреби со која се предвидува набавка над 3 возила во текот на една фискална година, ќе биде обврзана половина од набавените возила да бидат електрични. Оваа набавка ќе се однесува на возилата кои се набавуваат врз основа на купување или лизинг. Со ова државните и општинските институции ќе демонстрираат одговорност и ќе дадат свој придонес кон намалување на загадувањето на воздухот.
За сите овие мерки ќе се организира и јавна расправа при што секое стручно мислење ќе биде добредојдено и во наредните 2 до 3 недели овој проект е отворен за сугестии, промени и доработка во насока на подобрување на проектот.
Сето ова во кратки црти, оној кој ќе се одлучи да купи нов електричен автомобил кој сега чини на пример 35 илјади евра, ќе биде ослободен од царина, дополнителна акциза и ќе има намалено ддв од 18% на 5%. Тоа значи дека ќе чини 28.000еур, и ќе оствари заштеда од 7 илјади евра. Дополнително ќе добие субвенции од 5 илјади евра бидејќи ќе купи возило поскапо од 25 илјади евра, ќе заштедува секоја година до 3000 денари за регистрација од која ќе биде ослободен во делот за надомест за патишта, ќе биде ослободен и од патарина, ќе има можност за бесплатно паркирање, како и брзо полнење на автомобилот, ќе има приоритет во движењето во сообраќајот и ќе има и достапна инфраструктура за полнење.
Груевски ги образложи и предностите на електричните автомобили и кажа зошто се одлучиле за ваков вид на поддршка.
-Сите развиени држави и државите во развој се трудат да го подржат процесот за замена на стандардните со електрични автомобили. На пример околу 29 отсто од автомобилите во Норвешка се на електричен погон, а од 2025 година сите автомобили кои ќе бидат ново продадени мора да бидат на електричен погон. Различни видови на владина поддршка за купување на електрични автомобили даваат голем број на држави како Холандија, Норвешка, Велика Британија, Сад, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Романија и други.
Електричните автомобили имаат неколку предности во споредба со автомобилите со класични мотори со внатрешно согорување, како што се:
-Значително намалување на загадување на воздухот, бидејќи тие немаат ауспух и затоа не испуштаат штетни гасови од вградениот извор на енергија во моментот кога возилата работат. Истражувањата покажуваат дека движењето со електрични возила е за над 97% проценти почисто од автомобилите со мотор со внатрешно согорување. Електричните возила произведуваат нулта CO2 емисии, истовремено продуцираат намалено испуштање на стакленичките гасови од вградениот извор на енергија, во зависност од горивото и технологијата користена за создавање на електрична енергија за полнење на батериите;
-Ниски трошоци за одржување. Нема зависност од нафтата и бензините чија цена рапидно расте, нема менување на масла и слични потрошни материјали. Многу поретко имаат дефекти отколку обичните.
-Побезбедни се од стандардните автомобили и со поголема моќ на управување. Нема елементи кои се лесно запаливи, полесни се од стандардните автомобили но полесно управливи бидејќи управувањето се одвива компјутерски. Овие фактори гарантираат и помали последици при евентуален судир.
-Произведуваат значително помалку бучава и има поголем багажен простор.
-Енергетски се поефикасни. Обично, класичните автомобили на бензин ефикасно користат околу 15% од енергетската содржина која го придвижува возилото или пак служи за напојување на додатоци, а моторите на дизел можат да достигнат ефикасност од 20%, додека пак возилата со електричен погон имаат вградена енергетска ефикасност од 80%.
-И долгорочно гледано се економски по исплатливи споредено со класичниот автомобил со мотор на внатрешно согорување. Иако просечната цена е над 25 илјади евра на ваквите автомобили, статистиката покажува дека еден електромобил ќе потроши приближно 1000 евра за 100.000 километри, а возило од иста класа со бензински или дизел мотор ќе потроши дупло од иницијалниот трошок за купување на возилото, со што може да дојдеме до компензирачката цена зошто електричното возило чини повеќе на самиот почеток. Пример со возило купено за 25 илјади евра, за 100.000км ќе потроши 50 илјади евра за гориво, а електричното само 1000 евра. Тука се гледа огромната разлика.
Нас целта, рече тој, со оваа мерка ни е да отпочнеме еден процес кој ќе значи давање на можност на граѓаните кои ќе се одлучат за ваков автомобил, како и фаќање на чекор со процесите кои се одвиваат на глобално ниво а се во насока на заштита на животната средина.
Ново на Сител
-
Без да плати со приватно возило поминувал патарина, кривична за началник
-
Кина: Го почитуваме изборот на американскиот народ
-
Гори Безистенот во Струга
-
Макрон му честита на Трамп
-
Зеленски му честиташе на Трамп: Верувам во продолжување на американската поддршка за Украина
-
Нетанјаху му честиташе на Трамп: Најголемото враќање во историјата
-
Под дејство на дрога 46 годишен скопјанец со голема брзина прегазил жена и избегал
-
Мицкоски му честиташе победа на Трамп