Македонија
21. February 2018 - 13:17

Промовирана Инкубатор програма за едукација и развој на млади уметници

Нова платформа за едукација и развој на млади уметници од Македонија кои имаат желба да создаваат во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности со цел да оформат мултимедијален сценски перформанс, овозможува Инкубатор програмата за култура која финансиски е поддржана од Абасадата на Швајцарија.

Станува збор за проект на Интерарт културниот центар кој денеска го промовираше кореографот и уметнички директор на проектот Рисима Рисимкин, која рече дека за нив е многу важно овие уметнички гранки пред се современиот танц да се постави на вистинско место во општеството. 

Таа појасни дека од денеска почнува отворениот повик за апликација на нивната страница inkubator.com.mk каде ги има сите потребни информации аплицирање млади уметници на возраст од 18 до 29 години кои сакаат да се развиваат во однос на современиот танц, музиката и визуелните уметници.

- Сите заедно ќе работат на мултимедијален перформанс т.е. продукции кои понатаму ќе бидат презентирани во јуни и јули низ Македонија. Во оваа фаза повикот е отворен до 7 март, на 9 март ќе ги контактираме тие што ќе бидат во предселекцијата што ќе ја направат менторите, а на 11 март сите ќе бидат повикани за да може да ги интервјуираме и да ги дефинираме кандидатите. На 16 и 17 март ќе почне наставата, истакна Рисимкин.

Потенцира дека на кандидатите кои не се од Скопје ќе им помогнат за патни трошоци односно најмногу што можат за да се здобијат со знаење, а и да се надградуваат. Нашата цел, нагласи, е тие продукции да ги промовираме низ Македонија, а со вториот циклус кој ќе се одвива од септември до декември ќе имаме можност да примиме нов бран уметници.

- Нашата цел со младите уметници кои работат и творат преку Скопје танцовиот театар е да дојдеме до една можност да добиеме зграда во која ќе се сместиме и да можеме да ги продолжиме нашите активности. Нашата цел е да се создаде инкубатор, современ мултимедијален центар за култура и програмата која сега ја почнуваме е чекор пред добивањето на таква зграда која сметаме дека државата треба да ни ја даде, додаде Рисимкин.

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада рече дека ги препознаваат културните права како дел од човековите права и како суштински за човековото достоинство, идентитет и индивидуална исполнетост. Во време кога уметниците, културните групи, културното наследство и културните изрази се се повеќе на удар, посочи, одбраната на културните права на индивидуалците и на заедницата е императив.

- Нашата цел во подршката на Инкубатор програмата за култура е да придонесеме кон позитивниот развој на три меѓусебно поврзани уметнички категории: современ танц, музика и визуелни уметности. Промовирајќи професионализам, претприемништво и компетитивност на младите уметници во овие полиња се надеваме дека македонската современа културна сцена ќе се приближи кон уметничките стандарди на развиените земји, додаде Сутер Тејада