Македонија
1. December 2015 - 9:01

Промоција на романот за деца „Светот на сребрениот кладенец“

Во Театарот за деца и младинци вечер ќе биде промовиран романот за деца „Светот на сребрениот кладенец“ од Коста Милков, издание на „Метаноја“.
 
- Ова е приказна за два света, две деца и еден татко кои низ разни искушенија ќе се соочуваат со изборот да му се противстават на злото и да се борат во името на доброто по цена на големи жртви и болка, или, пак, да тргнат по навидум полесниот пат без отпор кој нема да ги чини напор и болка, но ќе ги чини она заради што животот е вреден за живеење: радост и љубов, соопшти издавачот.
 
Првиот роман за деца на Милков вечер ќе го промовираат Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски.

Во поговорот Ќорвезироска наведува дека авторот успеал да создаде впечатлив, првенствено потребен, на извесен начин речиси неопходен, роман во домашната книжевност.

- „Светот на сребрениот кладенец“ е наш „Хари Потер“, наш „Хобит“ и „Господар на прстените“ … Моделот на одличен спој на забава и функционална дидактика е модел според кој треба да функционира литературата за млади и според кој, јасно, директно и препознатливо, функционира и „Светот на сребрениот кладенец“. Ова не е здодевен роман. Напротив. Тој не е ни преедноставен, ни пресложен. Не е наивен, ниту наметлив. „Светот на сребрениот кладенец“ е роман со јасно поставена и остварена амбиција, пишува Ќорвезироска во поговорот. 

Коста Милков (Струмица, 1970) се образовал во Скопје, Осиек, Бостон и Оксфорд. Претседател е на Балканскиот институт за вера и култура, автор на бројни стручни написи, а пишува и поезија и проза.