Македонија
17. December 2023 - 16:57

Производителите на ориз на раб на егзистенција, бараат поддршка од државата

Оризопроизводителите се доведени на работ на егзистенција, а оризопроизводството полека згаснува како земјоделска гранка во Кочанско. По завршување на годинашната жетва, наместо откупната цена да расте, таа континуирано опаѓа или во најдобар случај стагнира. Иако, многупати надлежните им ветуваа дека оризот ќе биде заштитен како стратешка култура, сепак тие и ден денес се оставени да зависат од вољата на откупувачите.

- На состаноците имавме само празни ветувања дека оризопрозводството ќе биде заштитено, за жал, цената почна да се движи нагоре, но повторно имаме стагнација и мислам дека ова ќе доведе до уште поголемо намалување на производството, разочарување кај нас земјоделците и се поголемо иселување на младите од овие простори- изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево.

Во услови на инфлација, кога цените на репроматеријалите се енормно зголемени, двојно е покачена и цената на водата за наводнување, сега се соочуваат и со увоз на ориз од странство, а домашното производство им стои во амбарите.

- Сега ова е „капак“ на се. Имаме увоз на ориз, што е тежок удар за нас и мислам дека ќе донесе само поголемо разочарување- додаде Ташовски.

До пред само една деценија вкупната реколта во Кочанско тежеше 25 милиони килограми арпа, а проценките за годинава се дека се ожнеани помалку од 12 000 тони.