Македонија
7. March 2021 - 16:33

Професионалните војници кои не добиле вработување, најавуваат протест

Шеесетина професионални војници со наполнети 45 години веќе една година добиваат само минимална плата и не се прераспределени. Велат дека иако според закон до крајот на минатата година требало да добијат нова работа со соодветна плата и бенефиции, тоа не се случило. Ако државата не најде решение за нив ќе излезат на протест.

“Причината за која сме тука денеска е бидејќи сме излажани и изманипулирани ние, професионалните војници од генерација ‘75 година. оОд 96 само триесетина луѓе се распоредени. Другите сме останати во подрачни единици за минимална плата од 16.000 денари, во кои имаме минат труд од 20 години, што значи околу 15.000 денари плата имаме ние. Е сега, ни ветија тие дека ќе нè прераспределат, ама тоа не се случи. А моментално се вработуваат луѓе од 76 генерација, а за нас викаат дека нема место”, вели Петко Маркоски, професионален војник.

“Јас сум генерација после нив, генерација 76 и сум запознат со проблемот на колегите и дојдов за поддршка, како што реков, што е многу нелогично, нас нè вработуваат, а овие луѓе останаа веќе повеќе од година дена со минимална плата непоставени”, вели Миле Крвалевски, професионален војник.

Војниците велат дека уште пред два месеци побарале средба со министерката, но биле одбиени.

Од Министерството за одбрана велат дека ќе се најде решение за секој професионален војник.

“Знаете дека отвараме нови можности преку пополнување на противпожарната територијална единица низ целата држава. Тој проект продолжува и годинава и ве уверувам дека ниеден професионален војник со наполнети 45 години нема да остане незгрижен и нерешен во неговиот статус во однос на втората кариера”, рече Драган Николиќ, државен секретар во Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, во собраниска процедура се законските измени, со што на војниците со навршени 45 години ќе им се овозможи да одберат дали ќе земат отпремнина во висина од 1.000 евра за секоја година стаж во АРМ  или ќе продолжат да работат во друга државна институција.